ВО 8 ЗДРАВСТВЕНИ ДОМОВИ НАЈДЕНИ 635 КУТИИ СО МРП ВАКЦИНИ СО ПОГРЕШНИ ЛЕПЕНКИ, НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА 15 ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИ

    ВО 8 ЗДРАВСТВЕНИ ДОМОВИ НАЈДЕНИ 635 КУТИИ СО МРП ВАКЦИНИ СО ПОГРЕШНИ ЛЕПЕНКИ, НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА 15 ЗАБОЛЕНИ ОД МАЛИ СИПАНИЦИНајмногу заболени, 9 деца на двегодишна возраст, се од градинката „Сонце“ во Општина Аеродром, кои биле невакцинирани. (фото: СДК.МК)

    Во 8 здравствени домови најдени се 635 кутии од вакцините МРП (морбили, рубеола и паротит) со погрешни залепени декларации, соопшти Министерството за здравство. Од Министерството велат дека внатрешната контрола направена во сите здравствени домови покажала оти залепените декларации кои биле со важност до октомври лани  биле од претходниот увоз, и тие се најдени во здравствените домови во Крушево, Велес, Струга, Демир Хисар, Крива Паланка, Вевчани, Охрид и Скопје.

    „Сите дози од МРП вакцината се со добар и проверен квалитет од реномираниот европски производителот ‘Глаксо Смит Клајн’ од Белгија. МРП вакцината е безбедна и произведена во Европската Унија. Има 2 сертификати, за квалитет од производителот и од контролна лабораторија. На секоја кутија вакцина и на секое шишенце вакцина има воден жиг на кој стои дека се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година. Ова е единствената потврда дека сите вакцини се апсолутно безбедни и со важечки рок“, велат од Министерството за здравство.

    Контрола на здравствените домови направи и Агенцијата за лекови и медицински помагала (МАЛМЕД), а од Министерството за здравство велат дека инспекторите од МАЛМЕД и утре ќе одат повторно на терен и во остантите градови.

    За едно деноноќие, односно до 10 часот денес, на Клиниката за инфективни болести хоспитализирани се осум деца, од кои седум претходниот ден, а едно утрово.

    „Сите деца се на возраст до 2 години, тие се од населбата Ново Лисиче од Скопје и сите оделе во градинката ‘Сонце’. Од овие нови осум пријавени случаи, 5 се потврдени, а за 3 се чека лабораториска потврда, но имаат јасна клиничка слика за морбили. Од оваа градинка вкупно има 9 заболени деца и сите биле невакцинирани за мали сипаници. Во групата од оваа градинка имало 28 деца и сите биле невакцинирани“, велат од Министерството за здравство.

    Од 16 декември, кога беа регистрирани 6 заболени деца во Радишани и едно возрасно лице, до денес на Инфективна клиника хоспитализирани се 23 пациенти, а за тројца сѐ уште се чека лабораториска потврда.

    „Од овие 23 хоспитализирани, 9 лица до денес се пуштени на домашно лекување, а 15 уште се хоспитализирани со клиничка слика за морбили. На клиниката има 120 легла, но треба да се има предвид, дека се хоспитализираат пациенти и со друга патологија. Најмладиот пациент е бебе од 8 месеци, а најстариот има 43 години од Скопје и е мајка на едно од заболените деца. Најмногу заболени има од Аеродром и Ново Лисиче, односно 11 деца. Во овој период, на Клиниката амбулантски биле прегледани 12 лица, кои биле со полесна клиничка слика и пуштени се на домашно лекување“, велат од Министерството за здравство.

    Денес до 13 часот во сите вакцинални пунктови вакцинирани се 116 деца, или од почетокот на епидемијата досега 1.847.

    „Сите родители кои се сомневаат дека детето има морбили, или тие самите можеби заболеле, од матичен лекар да се упатат кон Клиниката за инфективни болести. Сите деца кои не се вакцинирани, тоа да го направат пред да почне училишната година. Штом ќе заврши училишниот распуст, ќе има и теренска вакцинација по училиштата“, велат од Министерството за здравство.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира