Во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје денес за првпат во земјава се изведе истовремена операција на двете рамена со имплантација на протези додека е буден пациентот, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК специјалистот-ортопед д-р Ненад Петков и анестезиологот д-р Силвана Кралева. Станува збор за интервенција кај 35-годишна пациентка со тешки оштетувања на двата рамени зглоба, последица на реуматидоден артритис, автоимуно воспалително заболување кое ги зафаќа симетрично давата зглоба.
„Кај пациентката беа трајно оштетени двата зглоба, неколку години била со ограничени движења, со изразени болки и при спиење и при секојдневно функционирање. Разговаравме со неа, и бидејќи и претходно имала некои интеревенции, организмот веќе бил премногу измалтретиран и се договоривме тоа да го завршиме во еден акт, односно, двете рамена да ги оперираме наеднаш и да имплементираме вештачки рамена. Имаме т. н. стемлес протези, современи анатомски протези кои штедат коска. Тоа не е стандардна протеза за да мора да се отстрани голем дел од коскеното ткиво, туку баш се обложувачки анатомски импланти, најсоодветни за млади пациенти“, ни рече д-р Петков.
Операцијата траела 4, 5 часа, двојно повеќе од стандардното оперативно време. Пациентката е во добра состоја и ќе биде пуштена уште вечерва дома.
За време на интеревенцијата, пациентот седи на т. н. бич чер позиција односно операциониот стол е сместен во полуседечка позиција, вели д-р Петков.
„Проблемот е што кога пациентот е интубиран во таква позиција, доводот на кислород е проблематичен. Добивме идеја да биде буден пациентот, бидејќи д-р Кралева е верзирана за т. н. регионални блок анестезии“, вели д-р Петков.
Д-р Кралева вели дека во случаи на операција на буден пациент, многу е важна соработката со него.
„Тоа е огромна придобивка, особено што овие периферни блокови траат и по 16 саати, поточно оној период кога се најголемите болки, пациентот нема болки и нема потреба до дополнителна терапија. Веќе од следниот ден тие се поподносливи и ако е потребно ќе добие терапија“, вели д-р Кралева, додавајќи дека пациентката за време на операцијата била смирена и опуштена и гледала музички видеа на таблет.
Д-р Петков вели дека пациентката постоперативно ќе добие физикална терапија согласно протокол и за 2 месеца ќе се врати во нормално функцонирање.
Б. НЕСТОРОСКА