Операции на заден сегмент на око или задна витректомија во моментов не се прави во ниту една јавна здравствена установа, бидејќи единствената јавна болница каде се прават вакви зафати, Клиниката за очни болести, од 14 овој месец ги затвори хируршките сали поради реновирање. Операции на Очна клиника нема да има до 18 септември, кога треба да заврши реновирањето.
Во очното одделение на градската општа болница „8 септември“ пак вакви зафати не се изведуваат. Од ГОБ„8 септември“ велат дека иако имаат двајца офталмолози кои вршат дијагностика и нехируршко лекување на заден сегмент на око, но вакви операции не се вршат, бидејќи немаат соодветен апарат и оперативен микроскоп.
Вакви операции на товар на ФЗОМ се прават во две приватни болници, односно во Систина офталмологија и во Турската очна болница. Но, и таму е лимитиран бројот на операции што ги плаќа државата.
Приватните офталмолошки болници реагираат дека пет години не е распишан конкурс за работа на ФЗОМ со очните болници, а вакви зафати на приватно чинат околу 2.000 евра, што не сите пациенти може да си го дозволат.
Операциите на заден сегмент на око, според офталмолозите во најголем број случаи се итни, бидејќи ако веднаш не се интервенира пациентот може да го загуби видот.
Од Министерството за здравство вчера рекоа дека од Клиниката за очни болести добиле известување дека ќе прима итни пациенти во асептична сала, но офталмолози тврдат дека ваква засебна сала во оперативниот блок на Очна клиника нема.
Во моментов во државните болници се прават само операции на преден дел од окото, односно се оперира само перде.
„Во моментов во нашето очно одделение се изведуваат 40 до 45 операции неделно на предниот сегмент на окото или операции на катаракта, а максималниот капацитет на оперативниот блок е 50 операции неделно. Поради неопременост со апарат и оперативен микроскоп за заден сегмент на окото, или задна витректомија, кај нас на одделот такви операции не се изведуваат“, велат од ГОБ „8 септември“.