ВО ГОЛЕМА АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЕЗЕРОТО КОЗЈАК СЕ ПРИКЛУЧИЈА И МАКРАДУЛИ И СЛОВАЧКИОТ АМБАСАДОР

    ВО ГОЛЕМА АКЦИЈА ЗА ЧИСТЕЊЕ НА ЕЗЕРОТО КОЗЈАК СЕ ПРИКЛУЧИЈА И МАКРАДУЛИ И СЛОВАЧКИОТ АМБАСАДОРВо акцијата за чистење се вклучија и кајакарите од клубот „Кајак Револуција“, како и нуркачите од спелео - нуркачкиот клуб „Врело“

    Туристичката населба Близанско беше централен пункт на денешната акција за чистење на езерото Козјак, кое се реализираше по повод одбележување на Денот на планетата Земја 22 април. Акцијата за чистење ја организираше Министерството за животна средина и просторно планирање на иницијатива на здружението „Гоу Грин“, а во соработка со фондацијата „Поврзување на природни вредности и луѓе – Македонија“. Оваа акција за чистење е дел од националната кампања за чистење на несоодветно депонираниот отпад – „Македонија без отпад 2018“.

    „Целта на акцијата не е само да го исчистиме веќе расфрлениот отпад, туку и да пратиме порака до сите наши граѓани дека е време да го промениме несоодветното однесување во природа. Ако сакаме да ставиме крај на пластиката како отпад, тоа треба да го направиме уште дома селектирајќи го отпадот во посебни контејнери“, кажа Јани Макрадули, заменик министерот за животна средина и просторно планирање.

    Во акцијата за чистење се вклучија и преставници од Министерството за одбрана, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи, општината Македонски Брод, ЈП „Јасен“, Агенцијата за млади и спорт, ЕЛЕМ, Асоцијацијата на колективни постапувачи со отпад, Црвен Крст, голем број здруженија на граѓани, кајакарите од клубот „Кајак Револуција“, нуркачите од спелео – нуркачкиот клуб „Врело“ и планинарите од Федерацијата на планинарски спортови.

    „Целта на акцијата не е само да го исчистиме отпадот, туку и да пратиме порака дека неодговорното однесување мора да запре“, кажа Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање

    Словачкиот амбасадор Хенри Маркуш, кажа дека Македонија е прекрасна земја, но дека денес ја видел и другата страна од сликата и затоа се вклучил во акцијата за чистење. Тој апелираше до сите граѓани да преземат мерки за почиста околина, бидејќи смета дека ситуацијата е ургентна.

    Годинава одбележувањето на Денот на Планетата Земја се одвива под мотото „Да го запреме загадувањето од пластика“.  Втората фаза од Националната кампања за чистење на отпадот на целата територија на Македонија ќе се спроведе на есен.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира