Се надевам дека ќе се најде автор да напише дека еден лекар кој дал заклетва да го штити здравјето, помогнал на 27 април за време на организираниот напад на Собранието, да се загрозат животите на колеги, му реплицираше Фросина Ременски, пратеник на СДСМ, на говорот на Сашо Василески од ВМРО-ДПМНЕ, за измените на Законот за медицинските студии и континуирано стручно усовршување на докторите на медицина.
„Немаше да реплицирам ако не слушнав стручни квалификации по однос на законот од човекот кој што по професија е лекар и дал заклетва за почитување на законот и уставот и за одбрана и заштита на уставниот поредок. Колега Василески, зборувате за литературата по медицина дека била од странски реномирани автори, се пишувало за нови трендови и текови, јас се надевам дека во Македонија ќе се најде автор кој што ќе го стави и вашиот пример во аналите на научната мисла дека во историјата на парламентарната демократија на Република Македонија еден лекар кој што дал заклетва дека ќе се грижи и ќе го заштитува здравјето, независно каде се наоѓа, на 27 април вие бевте човекот кој што ја загрози безбедноста на вашите колеги во Собранието на Република Македонија, а за тоа постои лекарска документација за која што вие како лекар знаете што значи на суд. Да се извините, пред да земете збор да дебатирате“, рече Ременски.
На говорот на Ременски реплицираше пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски кој рече дека недозволиво е да се крши Деловникот и тој да се злоупотребува. За да се смират страстите, Милошоски побара еден час пауза, а спикерот Џафери го прифати неговото барање.
Г. ТРПЕНОСКИ