ВО ЈАНУАРИ ТЕНДЕР ЗА ФИРМА КОЈА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ГО ГРАДИ ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ГРАДСКО-ПРИЛЕП ОТКАКО ШПАНЦИТЕ ГО НАПУШТИЈА ГРАДИЛИШТЕТО

    ВО ЈАНУАРИ ТЕНДЕР ЗА ФИРМА КОЈА ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА ГО ГРАДИ ЕКСПРЕСНИОТ ПАТ ГРАДСКО-ПРИЛЕП ОТКАКО ШПАНЦИТЕ ГО НАПУШТИЈА ГРАДИЛИШТЕТОЈавното претпријатие за државни патишта го раскина договорот со шпанската фирма „Конструксионес Рубау С. А.“ бидејќи не се придржувала на програмата за работа, односно три месеци не доставила план за работа и го напуштила градилиштето; - Делницата од Плетвар кон Росоман (Фото: СДК.МК)

    Во јануари ќе се распише тендер за избор на фирма која ја продолжи изградбата на трасата меѓу Дреновска и Фаришка Клисура од експресниот пат Градско-Прилеп, откако беше раскинат договорот со шпанската фирма „Конструксионес Рубау С. А.“, вели директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Зоран Китанов.

    Китанов вели дека тужбата пред Меѓународната арбитража во Загреб не влијае врз понатамошните постапки за изградба на оваа делница од експресниот пат.

    „Имаме согласност од Европската банка за обнова и развој, преку која се реализира овој проект, да распишеме тендер за нов изведувач. Затоа најпрво избравме фирма за надзор, која ќе направи проценка на досега среботеното и врз основа на тие податоци ќе го распишеме новиот тендер. Очекувам тоа да се случи во јануари и веќе во март да продолжат градежните работи онаму каде што се застанати“, вели Китанов.

    Јавното претпријатие за државни патишта го раскина договорот со шпанската фирма бидејќи не се придржувала на програмата за работа, односно три месеци не доставила план за работа и го напуштила градилиштето. Шпанската „Конструксионес Рубау С. А.“, пак, обвинува дека не ѝ била исплатена последната фактура и затоа престанела со работа. Таа во тужбата бара оштета од 10 милиони евра.

    „Никаде во светот не постои пример фирма изведувач да напушти градилиште. Активирана е банкарската гаранција и сега постапката ќе се тера пред Меѓународната арбитража. Тие постапки се долги, но сигурен сум дека ќе го добиеме случајот и буџетот не државата нема да биде оштетен ниту за денар“, додава Китанов.

    Експресниот пат Градско-Прилеп се гради во три етапи. Од Државни патишта велат дека втората фаза од Градско до Дреновска Клисура се одвива непречено, а за третата фаза допрва треба да биде распишан тендер за изведувач.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира