Откако се ислушаа двете бомби за поништување на резултатите од првиот круг локални избори во Струмица во 2013 година во Државната изборна комисија, стана обвинетиот поранешен член на ДИК Бедредин Ибраими пред судијата Огнен Ставрев и кажа: „Сум служел војска во ЈНА. Сум добил таму документ од претпоставените, во кој беше наведено: ’Тешко прима нареѓење‘. Значи, тешко сум примал наредби. Мене на 63 години Сашо Мијалков ќе ми наредел како да гласам во ДИК за приговор! Јас ќе ви докажам дека не е така“.
Обвинетиот Мендух Тачи, пак, кој на почетокот на судењето пред неколку месеци рече дека разбира македонски и кој на македонски јазик ја прима наредбата по телефон од Мијалков за гласање во ДИК за поништување на резултатите во Струмица и му одговара на македонски: „Веднаш сега ќе се јавам“, побара превод на целата таа седница на ДИК, на која викаат истовремено на цел глас и по 7 души одеднаш. Судењето продолжува на 23 август.
С. К. ДЕЛЕВСКА