Македонија, исто како и земјите од Западен Балкан и Европа, не е имуна на онлајн радикализацијата, при што вештачката интелигенција, социјалните мрежи и криптопазарот го олеснуваат врбувањето за радикални, насилни и терористички активности, беше кажано на јавниот настан „Онлајн радикализацијата како безбедносен предизвик за Северна Македонија: ризици, политики и законски решенија“, што го организираше Институтот за комуникациски студии (ИКС), во соработка со Националниот комитет за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот (НКСНЕБПТ).
Оценувајќи ја ситуацијата во Македонија како мирна и стабилна, а загрозеноста од терористички закани како многу мала, националниот координатор на НКСНЕБПТ, Павле Трајанов, кажа дека се подготува Закон за следење и спречување на радикализација и насилен екстремизам, што треба да биде донесен до крајот на годината и најави формирање посебна единица која ќе се занимава со овој проблем.
„Во Германија и Холандија користат платформа која ги следи сите содржини на социјалните мрежи и има посебен тим кој проценува што треба да се отстрани. Министерство дава налог да се симне во рок од два часа, во спротивно, се поведува постапка и има други законски мерки. Ова да се прави кај нас вака би се сметало за задушување на човекови права. Затоа прво треба да донесеме закон и за таа цел е формирана работна група. Со законот исто така ќе се штитат човекови права и слобода на изразување“, рече Трајанов.
Тој укажа и на врската помеѓу организираниот криминал и тероризмот, како и на злоупотребата на религијата преку параверски структури и квази-невладини организации кои служат како канали за финансирање и ширење радикална пропаганда.
„Во Македонија во последните две години се откриени 14 наркогрупи, што позитивно влијае на безбедноста и стабилноста на државата. Сѐ повеќе информации укажуваат дека терористите сакаат да ги користат овие групи на организиран криминал за извршување насилни активности“, рече Трајанов.
Бобан Стојановски, експерт за безбедност, вели дека процесот на радикализација не е едноставен и трае подолго време.
„Не може едно лице да се радикализира преку ноќ, како што не може преку ноќ да стане терорист и да изврши напад. Во државата постои убава бројка здруженија, групации и поединци кои ги злоупотребуваат начините на функционирање на поедини граѓански здруженија за ширење на радикализација и така се регрутираат нови потенцијални истомисленици. Во однос на бројот на населението, во Македонија има солиден процент на лица кои од своите идеолошки побуди заминале да се приклучат на терористички организации во Ирак и Сирија“, рече Стојановски.
Тој откри дека во последните две години имало неколку обиди за изведување терористички напади во државата, подготвувани од млади лица, родени кон крајот на 1990-тите или во почетокот на 2000-тите, што укажува на поместување на старосната граница токму благодарение на онлајн радикализацијата.
Г. КОНЕВ



