Постојат значајни разлики во евиденциите за извршените услуги помеѓу јавните здравствени установи, електронскиот систем „Мој термин“ и Фондот за здравствено осигурување, стои меѓудругото во извештајот на Државниот завод за ревизија (ДРЗ).
„Тоа има за ефект нереални податоци за услугите во ‘Мој термин’, помалку прикажани услуги кон Фондот и ненаплатена партиципација од страна на ЈЗУ во износ од најмалку 247 илјади евра. Ваквата состојба се должи на нецелосно евидентирање на услугите од страна на ЈЗУ во ‘Мој термин’ како единствен национален систем за евиденции во здравството. Во услови на невоспоставени листи на чекање за подолг период, отсуствуваат податоци за реалната побарувачка на услуги, а поради неусогласени евиденции за извршените услуги во ЈЗУ, ‘Мој термин’ и системот на Фондот, не може да се утврди ниту точниот број на извршени здравствени услуги“, велат ревизорите.
Според извештајот, најголем дел од несовпаѓањата во податоците од различните евиденции, се должат на следниве причини:
извршени услуги без упат и податоци во „Мој термин“, при што не е направена пресметка и не е наплатена партиципација, а извештаите се напишани надвор од „Мој термин“ , еуредно и неусогласено водење на евиденциите од страна на дел од јавните здравствени установи (ЈЗУ) кои несинхронизирано и нецелосно ги внесуваат податоците за извршени услуги во „Мој термин“, пријавување повеќе или помалку извршени услуги во системот на Фондот од страна на дел од ЈЗУ кои не се детектирани од страна на контролите на Фондот, различен пристап на пријавување и евидентирање на итните случаи и интерните и сервисните упати низ системите, како и технички недостатоци и грешки кои можат да настанат при интеграцијата и управувањето со податоците во системите и при рачното внесување на податоците во системите.