Основното јавно обвинителство Куманово поведе истрага против двајца браќа од кривопаланечкото село Луке за кои постои основано сомнение дека како соизвршители, убиле соселанец, удирајќи го со мотика во главата за пари. Кај убиениот комшија нашле 100 евра.
Осомничени се за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.
„Осомничените, на возраст од 20 и 25 години, од користољубие лишиле од живот нивен соселанец. Ноќта меѓу 24 и 25 март се договориле да извршат кражба во домот на жртвата. Помладиот брат го разбудил оштетениот и го извел надвор со изговор дека сака од него да купи ракија. Во дворот го удрил со мотика по главата, па двајцата заедно го влечеле и му нанеле уште неколку удари со предмет. Со пребарување по џебовите од жртвата одзеле 6.000 денари кои си ги поделиле, по што ги пребарале куќата и помошните простории. На крај телото го полеале со бензин и нафта и го запалиле, па го фрлиле во дупка покрај реката и го покриле со дрвја и камења“, вели Обвинителството.
По предлог на јавниот обвинител, Основниот суд во Куманово одредил мерка притвор за двајцата осомничени браќа, кои до целосното расчистување на настанот биле обезбедени со мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа.
С. К. ДЕЛЕВСКА