Судија на претходна постапка од Основниот суд Кочани до 4 часот утринава, одобрил 48-часовен притвор на 16 лица како осомничени во предистрагата за катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во која загинаа 59 главно младинци и средношколци. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска кажа дека е идентификувани сите 59 загинати, повредени се вкупно 196 лица, од кои 80 се транспортирани на лекување во странство
Овие притвори истекуваат утре. Обвинителите може да бараат уште по еднаш по 48 часа притвор за секој од овие осомничени за обезбедување на нивно присуство дури се собираат доказите, а потоа може да се бараат по 30-дневни притвори за секој осомничен за кој обвинителите сметаат дека треба да побараат.
Во притвор покрај ексминистерот за економија Крешник Бектеши и службеници од Министерството, се и ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат, вработени оттаму, сопственикот, односно организаторот на концертот на ДНК, членови на обезбедувањето и други. Нема уапсени и притворени актуелни функционери, градоначалникот Љупчо Папазов откако дал изјава пред обвинител, си заминал дома.
Иако министерот за внатрешни работи најави нови апсења, дури и на вработени во МВР, актуелни и бивши, такво нешто досега нема или барем за тоа не е запознаена јавноста.
Предистрагата е во тек и е многу интензивна, на неа работат 9 обвинители. Со судска наредба денеска се вршат претреси во просториите на Општината.
С. К. ДЕЛЕВСКА