Денеска се одбележуваат 20 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски во авионска несреќа во Босна и Херцеговина.
Во Ротимље, близу Мостар, каде што се случи авионската несреќа, на спомен-обележјето цвеќе положи државна делегација предводена од министерките Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова.
Во Скопје, каде што е погребан Трајковски, на одбележувањето присуствуваше претседателот Стево Пендаровски, владина делегација, сопругата Вилма Трајковска, претставници на опозицијата, делегација на Армијата, како и делегација на Сојуз на борци.
Пред споменикот на Трајковски во Струмица, од каде што потекнува, цвеќе положи владина делегација.
На денешен ден, 26 февруари 2004 година, во авионска несреќа загинаа поранешниот претседател Борис Трајковски и осумчлената делегација која патуваше на Меѓународна конференција во Мостар. Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија: портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.