Изградба на првата фотоволтаична електрана од 10 мегавати на местото на рудникот на термоелектраната ТЕЦ Осломеј денес најави вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, кој рече дека електраната ќе се гради со средства од кредитната линија од Европската банка за обнова и развој. Тој рече дека производство на електрична енергија од оваа фотоволтаична електрана може да се очекува следната година.
„Денес сакаме да најавиме дека почнува акцијата за проширување на обновливите извори на електрична енергија во рамки на државната компанија ЕЛЕМ, секаде каде има рудници на јаглен, кои ја девестираат животната средина и тој простор ќе го рекултивираме со изградба фотоволтаични електрани“, рече Анѓушев.
Од оваа фотоволтаична електрана се очекува производство на струја, кое годишно ќе ги задоволи потребите на 2.000 домаќинства. Централата ќе се гради на постоечкиот рудник на површина од 15 хектари, почетокот на градбата е планирано да почне во септември. Тендерската постапка е објавена на веб страната на ЕБРД.
„Сега термоелектраната работи многу малку и оставена е да биде енергетски споменик, се обидуваме да обезбедиме работа за дел од тие луѓе и да направиме профитабилна зделка, која финансиски нема да го оптовари ЕЛЕМ“, рече Анѓушев.
Вицепремиерот рече дека процедурите за избор на понудувачите на огласот ќе бидат според строгите правила на ЕБРД, и дека оние што ќе ги поминат техничките претквалификации потоа при одлучување цената ќе биде единствен критериум. Тој кажа дека по ТЕЦ Осломеј ваква електрана е предвидена и во РЕК Битола.
Тој рече дека до крајот на месецот ќе распишат и оглас за 62 мегавати фото напонски електрични електрани, од кои електрани до 35 мегавати да се градат на државно земјиште и електрани до 27 мегавати на приватно земјиште.
Директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски рече дека дополнително е планирана изградба на 20 мегавати фотоволтаична мрежа во ТЕЦ Осломеј, како и 30 мегавати во РЕК Битола.
Министерот за економија Крешник Бектеши кажа дека огласот за 62-мегаватната мрежа ќе биде распишана преку министерството за економија и дека со овие проекти се штити и животната средина.
Е. БОЧВАРОСКА