ВО ТИРАНА И ПРИШТИНА СЕ ПРАВАТ АНАЛИЗИ ОД ШТО ПОЧИНАЛЕ ДВАЈЦАТА ГОСТИВАРЧАНИ НА ИНФЕКТИВНА

    ВО ТИРАНА И ПРИШТИНА СЕ ПРАВАТ АНАЛИЗИ ОД ШТО ПОЧИНАЛЕ ДВАЈЦАТА ГОСТИВАРЧАНИ НА ИНФЕКТИВНАМинистерот за здравство е во посета на САД и преку видео на Фејсбук изрази сочувство до семејството на починатите пациенти. (Фото: принтскрин/Фејсбук)

    Во Тирана и Приштина се испитува од што починале двајцата гостиварчани на Клиниката за инфективни болести, откако пред пет дена биле хоспитализирани во тешка состојба. Министерот за здравство Арбен Таравари, вели дека засега примероци за анализа се пратени во Тирана и Приштина како најблиски, а дека анализи се прават и во Скопје. Првични резултати треба да има денес попладне.

    „Сега засега анализи се прават во Тирана, Приштина и Скопје. Ако резултатите од овие анализи се исти нема да бараме дополнителни. Но, ако не се поклопуваат ќе побараме дополнителни анализи во лаборатории во други земји“, вели Таравари.

    Тој во видео изјава на фејсбук профилот на Министерството за здравство изрази сочувство до семејството на починатите пациенти и кажа дека Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство уште вчераутро се состанала и ги презела сите потребни мерки во вакви ситуации.

    „Би сакал да кажам дека останатите седум луѓе кои се хоспитализирани на Клиниката за инфективни болести се во стабилна состојба и дека надвор од секаква опасност од комплицирање на нивната здравствена состојба“, вели во видео изјавата Таравари.

    Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство денес во 10 часот повторно треба да се состане.

    Починатите пациенти на Клиниката за инфективни болести биле хоспитализирани пред пет дена во тешка здравствена состојба, со висока температура, пролив и повраќање. Звонко Миленковиќ, директор на Инфективна клиника и претседател на Комисијата за заразни болести, вчера изјави дека пациентите биле со тежок фебрилен синдром, кој зафатил повеќе органи, а пред се црниот дроб, бубрезите и имало згрутчување на крвта. Тој појасни дека се сомневаат на повеќе причинители, кои векторски ги пренесуваат инсекти и животни, и не сакаше да издвојува ниту една додека не ги добијат резултатите од анализите. Миленковиќ рече дека пациентите се на возраст од 24 и 50 години и дека станува збор за здрави лица, кои претходно немале други заболувања. Едниот пациент починал уште истиот ден кога е хоспитализиран, а другиот починал вчераутро.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира