Мировниот корпус на САД во Македонија денеска на новите градоначалници им ја презентираше нивната работа во земјава и ги повика да аплицираат за волонтери во нивните општини.
Мировниот корпус на САД во Македонија е присутен 22 години и досега своето искуство на локалните самоуправи го дале над 700 волонтери, кои работат во невладини организации, дневни центри за деца со посебни потреби и училишта.
„Во моментов имаме околу 100 волонтери во Македонија кои учат македонски и албански, работат низ градови и села. Секој волонтер останува во Македонија по две години и со нивното искуство и вештини помага најчесто во руралните средини и помалите градови. Волонтерите помагаат во подготовка на апликации за грантови, работат со невладини организации, а во училиштата држат бесплатни часови по англиски“, рече Марк Ханафин, директор на Мировниот корпус во Македонија.
Амбасадорот на САД Џес Бејли рече дека волонтерите на жителите на помалите средини им помагаат во решавањето на проблемите со кои секојдневно се соочуваат и најави дека во септември во земјава ќе пристигнат нова група обучени волонтери.
Џејмс Дин еден од волонтерите кои речиси две години живее и волонтира во Пробиштип раскажа дека со неговото искуство помага на Општината при подготовка на апликации за грантови.
„Живеам со семејството Алексов. Најмногу уживав кога правиме ајвар. Еден од проектите на кои работев е отворање на летен камп во Пробиштип“, рече Џејмс.
А. АНТЕВСКА