ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО СИТЕ МАЛИ ПРИВАТНИ ОРДИНАЦИИ ПО СЛУЧАЈОТ СО ПОЧИНАТИОТ ПАЦИЕНТ ОД СЕПСА

    ВОНРЕДЕН ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОР ВО СИТЕ МАЛИ ПРИВАТНИ ОРДИНАЦИИ ПО СЛУЧАЈОТ СО ПОЧИНАТИОТ ПАЦИЕНТ ОД СЕПСАПри контролата, Државниот санитарен и здравствен инспекторат не нашол на самото место, ниту му бил доставен електронски или пишан дневник колку и какви интервенции се вршени во приватната ординација за пластична и реконструктивна хирургија. - Затворената ординација (Фото: ДСЗИ)

    Министерството за здравство ќе бара вонредни контроли во сите помали приватни здравствени установи, по случајот во кој 39-годишник од Ресен кој по хируршка интервензија во ваква ординација добил сепса и минатата недела почина во градската општа болница „8 Септември“.

    „Го чекаме официјалниот извештај од Државниот санитарен и здравствен инспекторат да видиме што и како е констатирано. Од досегашните информации од инспекторатот се дека е затворена ординацијата каде е извршена интервенцијата. Врз основа на извештајот од ДСЗИ ќе ги преземеме сите чекокро заедно и со Лекарската комора за расчистување на случајот, но ќе иницираме и вонреден инспекциски надзор во сите овие мали приватни здравствени установи каде се вршат хируршки интервенции, за да направиме скрининг и да видиме што се случува таму и за да превенираме вакви ситуации“, вели министерот за здравство Венко Филипче.

    Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат д-р Ирина Сотирова Бухова вели дека од досегашниот инспекциски надзор, кој сè уште не е завршен утврдиле дека сопственикот на ординацијата по пластична и реконструктивна хирургија „Др сци мед. К. Митаноски“ во Општина Аеродром, во која бил опериран пациентот кој почина во болницата „8 Септември“ веќе некое време е пензионер и дека ординацијата му ја издал на д-р Ѕвонко Николовски од ПЗУ ’Јанита‘ во Скопје. Таа вели дека при надзорот во ординацијата за пластична и реконструктивна хирургија не нашле ниту електронски ниту пишан документ кои и какви хируршки интервенции се вршеле таму.

    „Од контролите направени во петокот и за време на викендот на самото место записнички е изречена времена мерка за забрана за вршење на дејноста на ординацијата за пластична и реконструктивна хирургија д-р К. Митаноски. Усно сопственикот кажал дека веќе некое време е пензионер и му дадовме рок од три дена да достави дополнителна документација, односно М1 и М2 обрасци, лиценца за вршење на дејноста, како и документ дали го извеситл Министерството за здравство дека е во пензија. Законски 6 месеци пред да замине во пензија треба да го извести Министерството за здравство. Побарано е да достави договор со ПЗУ ’Јанита‘ за изнајмување на салата, како и договори со кои се кои други правни лица има договори за изнајмување на салата освен“, рече д-р Сотирова Бухова.

    Таа кажа дека на д-р Ѕвонко Николовски од ПЗУ „Јанита“ му е изречена забрана за вршење на дејноста надвор од просториите за кои му е издадена лиценцата за вршење на дејноста.

    „Тој треба да ни достави договор со соодветната ординација во која изнајмува сала и да ни достави број на соодветни интервенции кои ги вршел таму, бидејќи во ординацијата за пластична хирургија не најдовме, ниту ни е доставен никаков електронски ниту пишан дневник за извршени интервенции“, вели д-р Сотирова Бухова.

    Според неа надзорот понатаму ќе се одвива во правец на тоа да се види дали законски лекарите можат и смеат да склучуваат вакви договори за изнајмување хируршка сала. Таа рече дека по завршување на вкупниот надзор сите документи и сознанија ќе ги достават и до останатите надлежни органи.

    „Пред моето доаѓање овде пред 18 месеци немаше регистар на приватни здравствени установи ДСЗИ треба да врши надзор. Таков регистар направивме, кој со тек на време се менува. Еднаш на три месеци правиме контроли во помалите приватни здравствени установи, но во случајот со приватната ординација за пластична и реконструктивна хирургија секогаш кога поминувал инспектор таа била затворена, како и во овој случај“, вели д-р Сотирова Бухова.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира