За 16 часот денеска е закажана вонредна седница на Владата со една точка на дневниот ред – Предлог за пристапување кон измена на Уставот на Република Македонија со насоки за изменување и дополнување на Уставот на Република Македонија, соопштија од владината прес-служба.
Откако ќе биде усвоен предлогот, тој треба да биде испратен до Собранието, каде што за да помине, потребно е двотретинско мнозинство. Засега не е познато дали власта го има обезбедено потребното мнозинство во Собранието за уставните измени, предвидени со Договорот од Преспа.
Со овој Договор, потпишан на 17 јуни во грчкиот дел на Преспа, во селото Псарадес (Нивици), името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со признати македонски јазик и македонска националност.
На референдумот за името на 30 септември, вкупно 666.743 граѓани или 36,91 отсто гласале од запишаните 1.806.336 гласачи на Избирачкиот список, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).
На прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“, „за“ гласале 609.813 граѓани, или 91,46 отсто а „против“ гласале 37.700 илјади граѓани или 5,65 отсто. Неважечки ливчиња се 19.221.
Претседателот на ДИК Оливер Дерковски рече дека според конечните резултати, одлуката на референдумот не е усвоена бидејќи на референдумот не гласале повеќе од половината граѓани запишани во Избирачкиот список, или 903.169.
Извештајот од ДИК за референдумот ќе биде објавен во „Службен Весник“ во рок од 15 дена, а ќе биде пратен до Собранието и објавен на веб страната на ДИК.