Вработените во скопските клиники утрово за време на паузата протестираа на хелиодромот по вчерашната одлука на Советот на Град Скопје по предлог на скопскиот градоначалник Петре Шилегов да поскапи месечната карта за паркирање од 300 на 800 денари за вработените во Клиничкиот центар. Со паркингот управува ЈП „Градски паркинг“
Д-р Горан Беговиќ, претседател на Самостојниот синдикат на вработените во Клиничкиот центар, вели дека бараат од Градот да ја повлече оваа одлука и најави дека во спротивно од утре ќе ги блокираат наплатните пунктови на ЈП „Градски паркинг“.
„Овде не станува збор само за зголемување на цената за паркирање на лекарите, меѓу нас има и други вработени, кои имаат многу помали плати и кои едвај и оваа цена ја плаќаат. Во крајна линија паркингот не е на Градот, туку земјиштето е на Република Македонија и нека нѝ го вратат назад паркингот на Клиничкиот центар“, вели д-р Беговиќ.
Здравствените работници велат дека со зголемување на цената на паркингот за вработените нема да се реши хаосот со паркирањето во Клиничкиот центар. Тие велат дека дневно во Клинички центар влагаат и до 3.000 возила, а дека за влез до Клиника се чека и по 25 минути.
Тие се револтирани од вчерашната изјава на Шилегов дека луѓето болни умирале на паркинг од возилата на здравствените работници.
„Нема проблем нека нѝ зголемат и ќе плаќаме, но нека го уредат просторот нека обележат место кое ќе знам дека е мое. Да знам дека нема да кружам половина час прво за да влезам, а потоа и за да најдам место да паркирам за да стигнам на работа, а итно ме викнале од дома оти имало итен случај. Градот ништо нема вложено во паркингот, ниту има некаков ред, а уште ќе кажува дека заради нас пациентите не можеле да влезат со автомобили“, велат здравствените работници од скопските клиники.
За хаосот со паркингот вчера беа револтирани и пациентите, кои од заглавените автомобили едвај се движеа по патеките за да стигнат до Клиниката во која се упатени на преглед.
Решавање на хаосот со сообраќајот на Клинички Министерството за здравство најави пред околу еден месец, кога со Град Скопје договорија да се отворат уште два излези од Клинички, две улици од еднонасочни да станат двонасочни, да се обезбеди посебна лента за влез на возилата на брза помош и изградба на две катни гаражи.
Е. БОЧВАРОСКА