Пензискиот фонд се полни со дури 45 отсто средства од Буџетот, а 89 проценти од новоотворените работни места се со стимулација од Буџетот, објави денеска Канцеларијата на Светска банка во Македонија, претставувајќи го извештајот за Македонија.
На прес конференција во Скопје, Бојан Шимбов, економист од Светската банка рече дека „89 проценти од новоотворените места се со фискална стимулација, односно поддршка од државата, што на среден рок е притисок врз пензискиот фонд. Во последните години, 45 проценти од приходите во пензискиот фонд се од буџетот, што подразбира негова голема зависност од државата“, рече Шимбов.
Во извештајот е нотирано дека невработеноста и понатаму се намалува, но невработеноста кај младите се зголемила повеќе од 50 проценти и покрај владините програми за унапредување на вработеноста кај младите.
Шимбов истакна дека оваа година се намалила и стапката на активно работно население што би значело дека тие што биле долгорочно невработени, или се откажале од барањето работа или има тренд на иселување од земјата.
Според податоците од јули минатата година до јули годинава имало 21.000 нововработени, од кои 18.700 се стимулирани од Владата.