Пратеникот Крсто Мукоски од ВМРО-ДПМНЕ повторно во Парламентот зборуваше во присуство само на неколку колеги од партијата, бидејќи само што ќе го најави спикерот Талат Џафери за Збор од собраниската говорница, сите останати пратеници стануваат и моментално ја напуштаат салата. И денеска се случи истото на расправата за Законот за минимална плата.
По веќе познатиот терк, Мукоски излезе на говорницата и знаејќи дека камерата на МТВ собраниски канал е насочена само кон него, а не и кон останатите во салата, глумеше дека им се обраќа на пратениците од СДСМ, ДУИ и на останатите од мнозинството.
Мукоски гестикулираше кон столчињата, покажуваше со рацете и ја вртеше главата лево-десно, како да има луѓе пред него.
Овој однос кон Мукоски на пратениците од парламентарното мнозинство предводено од СДСМ, трае од крвавите насилства на 27 април годинава. Според снимките од безбедносните камери, главните врати на Собранието, кои тој ден поради протестите пред зградата беа заклучени и со железни шипки блокирани, ги отвори токму пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Крсто Мукоски. Истото, според снимките, го направи и сопартиецот Сашо Василески, а во близината координираше Јохан Тарчуловски, по што насилниците слободно влегоа и тешко повредија пратеници.
С. К. ДЕЛЕВСКА