Специјалното јавно обвинителство вели дека нема да одговори на Барањето за информација од Врховниот суд, бидејќи тоа се однесува на прибавување изјава од врховен судија за кого СЈО бара изземање и го упати Врховниот суд да ја добие бараната информација од самиот судија. Реакцијата на СЈО доаѓа по соопштението на Врховниот суд во кое се обвинува СЈО дека одбива да одговори на Барање за информација за итен предмет, кое највисокиот суд го испратил во четвртокот, без да каже за кој предмет се работи.
„Барањето за информација кое е упатено од страна на Врховниот суд се однесува на обезбедување информација поврзана со барање за изземање на судија од тој Суд. Согласно Законот за кривична постапка, во постапката за изземање на судија задолжително дејствие е прибавувањето на изјава од судијата. Со оглед на тоа што бараната информација може да се добие од самиот судија за кого е барано изземањето, ова Јавно обвинителство нема да обезбеди одговор со цел да не се влијае на исходот на постапката“, соопшти попладнево СЈО и апелираше за соодветна примена на начелото на итност и при постапување со барањата на ова Јавно обвинителство.
На 30 март, СЈО до Врховниот суд на Република Македонија поднело барање за изземање на претседателот на највисокиот суд во земјава Јово Вангеловски од постапување по барањето за заштита на законитоста во врска со притворот на бизнисменот Сеад Кочан, осомничен во случајот „Труст“ на СЈО, поднесено од Јавниот обвинител Марко Зврлевски. Образложението на СЈО е дека Вангеловски е дел од „бомбите“ и тоа во период кога исто така ја извршувал функцијата претседател на Врховниот суд.