Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски го обвини Специјалното јавно обвинителство дека одбива да одговори на Барање за информација за итен предмет, кое највисокиот суд го испратил во четвртокот. Вангеловски не кажува за кој предмет се работи.
„Претседателот на Врховниот суд на Република Македонија ја информира јавноста дека на 06.04.2017 година беше доставено барање за информација до Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Поради итниот карактер на доставеното барање, шефот на кабинетот на претседателот на Врховниот суд на Република Македонија оствари неколку телефонски разговори со шефот на кабинетот на кавниот обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, од каде се уште нема одговор по поднесеното барање“, се вели во соопштението.
Од Врховниот суд наведуваат и дека СЈО „очигледно одбива да постапува по барањето на Врховниот суд на Република Македонија“ , со што се одолговлекува постапката пред овој суд.
СЈО најави реакција на соопштението на Вангеловски.