Вториот пензиски столб е сигурен и во него членуваат над 620.000 граѓани, велат од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување МАПАС и трите пензиски друштва „КБ Прво пензиско друштво“ „Сава пензиско друштво“ и „Триглав пензиско друштво“. Засега, многу е мал интересот за штедење во третиот доброволен фонд, во кој членуваат 35.000 граѓани или 2,9 проценти од граѓаните.
„Капитално финансираното пензиско осигурување или вториот столб, како што јавноста го познава во изминативе две децении покажа дека е еден од најсигурните механизми за заштита на идните пензии. Денес имаме над 620.000 членови во вториот столб, а средствата акумулирани на нивните сметки достигнуваат над 178 милијарди денари. Тоа значи дека секој член има своја лична заштеда, свој капитал кој се инвестира и расте со текот на времето. Третиот столб кој е доброволен им нуди можност на граѓаните, но и на работодавачите со дополнителни уплати да создадат уште поголема сигурност за иднината. Според последните податоци, во третиот пензиски столб имаме околу 35.000 членови, а вкупните средства акумулирани во фондовите на третиот столб достигнуваат приближно 4,7 милијарди денари“, рече на денешната прес-конференција Ремзи Бајрами, Претседател на Советот на експерти во МАПАС.
Годинава се одбележуваат 20 години од реформирањето на пензискиот систем. По тој повод трите пензиски друштва ќе старуваат со едукативна кампања „Засади желба за стабилна иднина“. Преку серија активности и едукативни содржини, кампањата има за цел да ја зголеми свесноста кај јавноста за значењето на членството во задолжителните и доброволните пензиски фондови, како и да ја поттикне културата на навремено и одговорно пензиско штедење.
Весна Стојановска претседател на Управниот одбор на „КБ Прво пензиско друштво“ кажа дека нивната улога не е само да управуваат со бројки и средства, туку да создадат сигурност дека секој вложен денар ќе придонесе за достоинствена старост.
„Изградивме модерен, транспарентен и стабилен пензиски систем. Систем кој управува со лични, индивидуални сметки на осигурениците. Со прудентни и докажани политики во инвестирањето се создава цврста основа за сигурна и стабилна иднина“, кажа Стојановска.
Снежана Станковиќ претседател на Управниот одбор на „Сава пензиско друштво“ по повод 20 години од реформите на пензискиот систем, најави формирање на Асоцијација на пензиски друштва во чија организација ќе биде одржана меѓународна конференција.
„Асоцијацијата ќе биде платформа за соработка, професионален дијалог и заедничко делување. Ќе биде гласот на пензиските друштва,но и чувар на интересите на сите сегашни и идни пензионери. Асоцијацијата ќе работи на унапредување на регулативата и развој на етички стандарди, единствено во корист на интересите на членовите и на пензионираните членови на задолжителните и/или доброволните пензиски фондови со кои управуваат пензиските друштва“, рече Станковиќ.
Мариан Николовски претседател на Асоцијацијата и член на Управниот одбор на „Триглав пензиско друштво“ кажа дека кампањата ќе биде со внимателно осмислени содржини со едукативен карактер, насочени кон подигање на свеста за важноста на пензиската сигурност и финансиската писменост.
„Темата што ја отвораме денес финансиската стабилност е прашање што нѐ засега сите, без разлика на возраста, професијата или животниот стил. Токму затоа, застанавме зад еден сериозен и континуиран напор за едукација, информирање и охрабрување на граѓаните да преземат проактивна улога во своето финансиско планирање.Ги охрабруваме сите да се приклучат, да споделуваат, да прашуваат и да учат. Да разговараме за финансиите – не како табу, туку како тема која е дел од нашата секојдневна реалност и иднина“ – кажа Николовски.
Од почетокот на реформата па до сега забележан е континуиран раст во бројот на членови во вториот и третиот пензиски столб, што укажува на зголемена информираност, доверба и интерес кај граѓаните за пензискиот систем.
А. АНТЕВСКА