Српскиот претседател Александар Вучиќ побара од српската влада да овозможи бесплатна вакцинација на македонските граѓани во Србија, објави агенцијата „Танјуг“. Како што изјавиле од кабинетот на Вучиќ за агенцијата, тој побарал македонските граѓани да добијат вакцина против ковид-19 по нивни избор, исто како и граѓаните на БиХ.
Граѓаните на Босна и Херцеговина од денеска можат бесплатно да се вакцинираат во Србија, а ќе добијат сертификати за вакцинација исто како и српските граѓани.
Околу 15.000 македонски државјани се вакцинирани во Србија, кажа српскиот министер за здравство Златибор Лончар по средбата со министерот Венко Филипче во Белград на 20 април.
На 28 мај, Филипче кажа дека македонските граѓани над 60 години кои се вакцинираа со „АстраЗенека“ во Србија, ревакцината ќе ја примат во земјава од македонските количини, додека лицата под 60 години кои примија „АстраЗенека“ ќе мора пак да патуваат во Србија, со оглед на тоа дека во земјава не е дозволено помлади од 60 години да ја примат оваа доза.