Директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, предупреди дека воведувањето на опцијата за изнајмување електричен тротинет може да доведе до уште поголем хаос во скопскиот сообраќај, зашто оние кои ги изнајмуваат ретко ги почитуваат законските прописи од оваа област. Тој посочи дека во изминатите две и пол години имало речиси 100 сообраќајни несреќи во кои биле вмешани електрични тротинети.
„Во 2021 имало 30, во 2022 – 49, а во првите пет месеци од оваа година 11 незгоди во кои учествувале возачи на електрични тротинети, при што 18 лица се здобиле со потешки телесни повреди. Од неодамна, во сообраќај се пуштени уште 500 тротинети за изнајмување, а граѓаните притоа ретко користат заштитна опрема, како шлем и флуоресцентен елек при ноќно возење“, вели Ангелов.
Посочувајќи дека за управување со електричен тротинет не треба полагање и дозвола, Ангелов вели дека на тој начин и деца од 14 години, па и помлади, стануваат рамноправни учесници во сообраќајот.
„Со цел да укажеме на опасностите од управувањето со електричен тротинет, ние веќе закажавме две координативни средби, на кои не се појавија претставници на сите надлежни институции и органи, па ќе ги поканиме уште еднаш“, кажа Ангелов.
Тој потсети дека неодамна, граѓаните на Париз со големо мнозинство на референдум се изјаснија против изнајмувањето електрични тротинети.
Г. КОНЕВ