ЗА ДОЛГОТ ОД 363 МИЛИОНИ ЕВРА НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЌЕ ИМА САМО МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТ

    ЗА ДОЛГОТ ОД 363 МИЛИОНИ ЕВРА НА ДРЖАВНИТЕ ИНСТИТУЦИИ ЌЕ ИМА САМО МОРАЛНА ОДГОВОРНОСТНа крајот на мај државните институции имале неплатени обврски од 363 милиони евра, соопшти министерот за финансии Драган Тевдовски откако неговото министерство ги собрало податоците од буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија и од опшините. - Тевдовски на собраниска комисија (Фото: СДК.МК)

    За долговите на државните институции ќе има само морална одговорност. Министерот за финансии Драган Тевдовски само ја соопшти сумата од 363 милиони евра неплатени обврски на буџетските корисници, фондовите, јавните претпријатија и општините, не навлегувајќи во прашањето за одговорноста.

    „Сите прашања поврзани со неплатените обврски евидентирани до 31 мај годинава и обврските што ќе се појават во наредниот период, ќе бидат расчистени со Акциониот план што Министерството за финансии го договара со Светска банка“, изјавија од Министерството за финансии.

    Експертската јавност прво ја чека информацијата за структурата на долгот.
    „Ова што го чувме е само квантитативна анализа. Треба да се види колку од долговите се во судска постапка, колку се застарени, колку од нив се доспеани, а неплатени, а кои тековно се плаќаат. Врз основа на Законот за облигации и регулативата за буџетирање, може да се отвори и прашањето за одговорноста, но тоа е многу тешко“, објаснува Павле Гацов, економски консултант, додавајќи дека иако одговорноста ќе треба да се проценува од случај до случај, најверојатно сѐ ќе заврши со морална квалификација.

    За Горан Рафајловски, потпретседател на Стопанската комора на Македонија, објавената сума на долгови и оние што дополнително ќе бидат откриени, покажува дека била точна проценката на Комората дека долгот на државата кон стопанството, по разни основи, надминува една милијарда евра.

    „Веќе не смее да се случува она што му се случуваше на стопанството последниве 5-6 години. Одговорноста ќе биде политичка и морална, а граѓаните ќе ја манифестираат на избори. Законска одговорност може да има само ако одговорното лице во институцијата добивало наменски пари, а ги пренаменувало надвор од пропишаната процедура“, вели Рафајловски.

    А. САЛТИРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира