ЗА ПРОНЕВЕРА НА НАД 2,9 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ФФМ ПОКРЕНАТА ИСТРАЖНА ПОСТАПКА ЗА 18 ФИЗИЧКИ И 8 ПРАВНИ ЛИЦА, ПРИВЕДЕНИ СЕ 12, А 5 СЕ НЕДОСТАПНИ

    ЗА ПРОНЕВЕРА НА НАД 2,9 МИЛИОНИ ЕВРА ВО ФФМ ПОКРЕНАТА ИСТРАЖНА ПОСТАПКА ЗА 18 ФИЗИЧКИ И 8 ПРАВНИ ЛИЦА, ПРИВЕДЕНИ СЕ 12, А 5 СЕ НЕДОСТАПНИВо истрагата се опфатени двајца поранешни претседатели на ФФМ, раководителката на Одделението за финансии и сметководство при ФФМ, 14 управители, сопственици и овластени лица во правни лица, како и раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ, на кои покрај кривичното дело Проневера во службата, им се става на товар и перење пари и други приноси од казниво дело. (Фото: ФФМ)

    Двајца поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Проневера во службата, се меѓу 18 физички и 8 правни лица кои се опфатени во истражна постапка за проневера на над 2,9 милиони евра, соопшти Управата за финансиска полиција (УФП). Под истрага се поранешните претседатели на ФФМ Мухамед Мети Сејдини, кој од 23 април е во притвор за друг случај со Проневера во службата, и Илчо Ѓорѓиоски кој е уапсен денеска за новиот случај.

    По спроведена предистражна постапка од истражителите на Истражниот центар при Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈОГОКК), денеска, под раководство на јавен обвинител од ОЈОГОКК, УФП и Министерството за внатрешни работи (МВР) реализираа координирана акција во која се опфатени повеќе физички и правни лица. Во акцијата се приведени 12 лица, додека 5 лица се недостапни на органите на прогонот. Постапувајќи по кривична пријава поднесена од УФП, јавниот обвинител донел Наредба за спроведување истражна постапка всушност против 18 физички и 8 правни лица.

    „Со наредбата се опфатени двајца поранешни претседатели на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Проневера во службата, раководителката на Одделението за финансии и сметководство при ФФМ, 14 управители, сопственици и овластени лица во правни лица, како и раководител на Одделот за судии и судење при ФФМ на кои покрај кривичното дело Проневера во службата, им се става на товар и кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело“, кажа Обвинителството.

    Исто така, истражната постапка опфаќа и осум фирми за кои постои основано сомневање дека ги сториле кривичните дела Проневера во службата и Перење пари и други приноси од казниво дело.

    „Според доказите обезбедени во предистражната постапка, првоосомничениот, во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, во периодот од 1 јануари 2015 година до 25 јули 2018 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, со намера да прибават противправна имотна корист за себе и за други лица, присвоиле парични средства доверени во службата во вкупен износ од 127.451.156 денари (околу 2 милиона евра – н. з.). Второосомничениот, исто така во својство на претседател на ФФМ, заедно и по претходен договор со истата осомничена, во периодот од 25 јули 2018 година до 10 октомври 2019 година, преку повеќе временски поврзани дејствија, присвоил парични средства доверени во службата во износ од 53.351.209 денари (над 860.000 евра – н. з.)“, се вели во соопштението.

    Осомничената раководителка на Одделението за финансии и сметководство, со цел да ги прикрие незаконските исплати кон повеќе правни лица, вршела манипулации со сметководствената евиденција на ФФМ.

    „Најнапред плаќањата ги евидентирала како намалување на обврски по основ на влезни фактури, а потоа вршела измени на веќе евидентираните налози за книжење, бришејќи ги обврските и евидентирајќи ги како трошоци без наведување на конкретна фактура, услуга или деловен партнер. Со ваквите постапки предизвикала сметководствената евиденција на ФФМ да содржи нецелосни, неточни и манипулирани аналитички картици за деловни партнери и трошоци. Двајцата осомничени претседатели на ФФМ, во различни временски периоди, иако биле должни да обезбедат законито, економично, наменско и транспарентно користење на финансиските средства и да вршат контрола над финансиското работење на федерацијата, одобриле и потпишале вкупно 728 налози за исплата доставени од страна на осомничената раководителка. Со тоа овозможиле исплата на парични средства без целосна и валидна финансиска документација и без претходна проверка на основаноста и намената на исплатите“, е описот на криминалната шема.

    Постапувајќи спротивно на член 92 од Статутот на ФФМ и член 6 од Правилникот за организација на ФФМ, како и непреземајќи мерки за спречување на незаконито користење на средствата, тие предизвикале штета на Фудбалската федерација на Македонија во вкупен износ од 180.802.365 денари (над 2,9 милиони евра).

    Осомничените управители, сопственици и овластени лица во правните лица, во име и за сметка на правните лица, издавале фактури со невистинита содржина за наводно извршени услуги и испорачани стоки кон ФФМ. Врз основа на тие фактури, осомничената раководителка изготвувала налози за исплата кои биле доставувани до одговорните лица во ФФМ за одобрување и потпишување.

    „На овој начин на ФФМ ѝ била причинета штета во наведениот износ, додека правните лица се стекнале со противправна имотна корист. Потоа, средствата прибавени со кривичното дело биле примани, раситнувани, пуштани во оптек и користени во финансискиот промет со цел прикривање на нивното незаконско потекло. За 10 лица јавниот обвинител до судијата на претходна постапка ќе предложи определување на мерка притвор, додека за седуммина ќе бидат предложени соодветни мерки за обезбедување на нивното присуство во текот на постапката, второосомничениот е веќе во притвор определен во друга постапка“, вели Обвинителството за овој голем корупривен случај во ФФМ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира