ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, СУДОТ ЌЕ ПОСТАПУВА СОГЛАСНО ЗАКОН, НЕ БЛОКИРАМЕ НИЧИИ ПРАВА, КАЖА ГРАЃАНСКИОТ СУД ЗА НЕПРИЗНАВАЊЕТО НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА НА ПОТРЕБНИТЕ 1.000 ПОТПИСНИЦИ

    ЗА РЕГИСТРАЦИЈА НА ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА, СУДОТ ЌЕ ПОСТАПУВА СОГЛАСНО ЗАКОН, НЕ БЛОКИРАМЕ НИЧИИ ПРАВА, КАЖА ГРАЃАНСКИОТ СУД ЗА НЕПРИЗНАВАЊЕТО НА ЕЛЕКТРОНСКИТЕ ДРЖАВЈАНСТВА НА ПОТРЕБНИТЕ 1.000 ПОТПИСНИЦИГраѓанскиот суд кажа дека согласно Законот за политички партии, ќе си бара оригинални државјанства или копии заверени на нотар, на што веднаш реагираше Министерството за дигитална трансформација дека е донесен специјален закон со кој оригинали се и дигиталните државјанства (Фото:СДК.МК)

    Откако Граѓанскиот суд Скопје најави дека за регистрација на политичка партија ќе бара 1.000 оригинални државјанства на потписниците издадени на рака од Матично, а не ги признава како оригинали извадените по електронски пат, а Министерството за дигитална трансформација вели дека и дигиталните државјанства со закон се признаваат дека се оригинали, Судот се јави со ново соопштение.

    „Откако ќе биде поднесено барање за регистрација на политичка партија и оформен судски предмет, Основниот граѓански суд Скопје ќе постапува согласно спозитивните законски прописи и согласно со принципот на владеење на правото“, велат од Судот.

    Проблемот го детектираа независните граѓански иницијативи, кои поради тоа што големите партии ги исфрлија од изборниот процес, се принудени да формираат партија за да учествуваат на избори. Затоа од „Шанса за Центар“, „Независни за Карпош“ и „Зелените од Гази Баба“ сакале да се информираат во Граѓанскиот суд какви услови треба да исполнат и со какви проблеми во процедурата би можеле да се соочат.

    Исто како и ним, и во одговор на поставено прашање од САКАМДАКАЖАМ.МК, овој суд си кажа дека согласно Законот за политички партии, ќе си бара оригинални државјанства или копии заверени на нотар, на што веднаш реагираше Министерството за дигитална трансформација дека е донесен специјален закон со кој како оригинали се признават и документите заверени со електронски потпис и печат.

    „Лекс специјалис за електронски документи е Законот за електронски документи, електронски идентитет и доверливи услуги, а не Законот за политички партии“, велат од Министерството.

    Впрочем, со дигитален потпис и печат се признаваат и уверенијата за неосудуваност што електронски ги издава истот суд што овој пат бара хартиена потврда и потпис и печат „по старо“.

    Откако повторно се отвори прашањето дали државниот електронски потпис на уверенијата за државјанство значи и оригинален документ, или оригиналноста мора да се докажува и на нотар, Основниот граѓански суд Скопје објави соопштение во кое вели дека до сега не е поднесено барање и не е оформен судски предмет во врска со регистрација на политичка партија за учество на претстојните локални избори од страна на независни кандидати.

    „Во таа смисла, Основниот граѓански суд Скопје во целост ги отфрла како апсолутно неосновани и непоткрепени со факти, изнесените објави во медиумите дека судот работи незаконски и ја блокира регистрацијата на политичката партија поради непризнавање на електронски издадени државјанства за регистрирање на партија“, велат од таму.

    „Основниот граѓански суд Скопје исклучиво и единствено постапува врз основа на Уставот, ратификуваните меѓународни договори и законските и подзаконските прописи, притоа доследно почитувајќи ги ставовите и практиките изразени во јуриспруденцијата на Европскиот суд за човековите права и слободи. Во рамките на начелото на владеењето на правото, Основниот граѓански суд Скопје ги штити правата на граѓаните и во никој случај не блокира остварување на права, затоа што правото на пристап до суд и остварувањето на правата во судска постапка е уставно и меѓународно признато право“, се вели во соопштението.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира