Од пристигнати 352 барања за упис во регистерот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми, интернет портали, за изборите за Локалните избори за 2025, Државната изборна комисија (ДИК) регистрира 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали. Средствата кои ќе се потрошат за платено политичко рекламирање за медиумите се 66 отсто од буџетот на Државната изборна комисија за Локалните избори, или 397.763.000 (околу 6,5 милиони евра) денари од вкупно 600.489.000 денари (околу 9,76 милиони евра).
„Пристигнаа 352 барања за упис во регистерот, исто така до ДИК се доставени вкупно 399 ценовници за платено политичко рекламирање. Врз основа на целата обработена документација се запишани 33 телевизии, 42 радиостаници, осум печатени медиуми и 246 интернет портали. Барањата на 22 правни лица, две телевизии, пет радиостаници, еден печатен медиум и 15 интернет портали се отфрлени како неуредни, односно ненавремено доставени, дополнително доставени се два ценовника за упис во регистерот, но на истите правни субјекти нема доставено барање со што се отфрлаат како неуредни“, кажа на седница членката на ДИК Светлана Карапетрова.
ДИК го изгласа и Решението за упис во регистарот на радиодифузери, печатени медиуми, електронски медиуми, интернет портали за Локалните избори 2025 година.
Првиот круг на локалните избори ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг на 2 ноември.