Собраниската комисија за надзор над Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и Агенцијата за разузнавање (АР) утре ќе расправа за извештајот за работата на овие две институции за 2015 година. На дневен ред ќе се најде и уништувањето на опремата за прислушување што се случило во март минатата година за што Специјалното обвинителство сомничи шестмина службеници на МВР меѓу кои и поранешната министерка Гордана Јанкуловска и началникот на Петтата управа Горан Грујовски кој од синоќа е во притвор.
Претседателот на Комисијата Хари Локвенец вели дека тој дел од седницата ќе биде затворен за јавноста поради класифицираните информации и поради специфичната политичка ситуација во земјата..
Тој вели дека Комисијата сé уште нема одговор од УБК со каква опрема за прислушување располага, за да може Комисијата да го изврши надзорот.
“Немаме одговор, иако побаравме список за целата техничка опрема со која располагаат, за техничките карактеристики што ги има опремата, како и упатството за нејзино користење напишана од производителот. Не можеме да направиме суштински инспекциски надзор, без да ги имаме овие информации”, вели Локвенец.
Претседателот на Комисијата Хари Локвенец вели дека политичките услови се многу специфични, па делот од седницата на кој ќе разгледува нивната работа за 2015 година ќе мора да се затвори за јавноста.
Министерството за внатрешни работи, во октомври минатата година предложи измени на Законот за следење на комуникациите, согласно препораките во извештајот на Прибе.
Во Предлог-законот беа дадени две опции во однос на опремата за следење на комуникациите за целите на кривичната истрага. Првата опција беше секоја од институциите кои имаат овластувања за следење на комуникациите, Јавното обвинителство, Царината, МВР и финансиската полиција да имаат нивна опрема, а втората е формирање посебен центар за следење на комуникациите во рамки на Јавното обвинителство.