Рано утрово срцето на 44-годишната пациентка чие семејство несебично ги донираше органите, почна повторно да чука, објави на својот фејсбук профил министерот за здравство Венко Филипче. Како што вели тој следните денови се критични и целиот тим кој работеше на трансплантацијата се надева дека телото ќе го прифати новиот орган.
„Пациент кој неколку години боледува од тешка кардиоваскуларна болест добива шанса за нов живот. Во изминативе 24 часа околу 100-тина лекари, медицински сестри и болничари работеа заедно како тим и покажаа како беспрекорно функционира здравствениот систем“, вели Филипче.
Д-р Маја Мојсовска – Мијовска, национална координаторка за трансплантација вчера за САКАМДАКАЖАМ.МК изјави дека семејството на 44-годишна жена се согласило да се трансплантираат нејзиното срце, бубрезите и дел од коскеното ткиво.
„Драго ми е дека ја подигнуваме свеста на граѓанките и граѓаните за донирање органи. При секоја трансплантација, одново и одново секогаш им се восхитувам на хуманоста на семејствата што во најтешките моменти, кога го губат најмилото успеваат да најдат храброст да се согласат да донираат органи и да продолжат нечиј туѓ живот. Се радувам дека луѓето сè повеќе го сфаќаат концептот на трансплантација од починат донор“, вели д-р Мојсова-Мијовска за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Првата трансплантација на срце од починат донор во земјава беше направена лани на 23 мај, а годинава се извршија уште две трансплантации. Во сите четири случаи, дарителките се жени.
А. АНТЕВСКА