СО ЗАЕМ ОД 28 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ГРАДИ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ОД ШТИП ДО РАДОВИШ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИ

    СО ЗАЕМ ОД 28 МИЛИОНИ ЕВРА ЌЕ СЕ ГРАДИ ЕКСПРЕСЕН ПАТ ОД ШТИП ДО РАДОВИШ, НАЈАВИ МИНИСТЕРОТ СУГАРЕСКИПарите потребни за изградба на експресниот пат од Штип до Радовиш се веќе обезбедени од Европската банка за обнова и развој, кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. (Фото: Министерство за транспорт и врски)

    Со заем од 28 милиони евра ќе се гради експресен пат од Штип до Радовиш во должина од 23,5 километри. Ова денес го кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески. Тој кажа дека договорот за изградба на патот го потпишале денес, а изградбата ќе се врши на нова траса, односно од местото Софилари пред Штип па сè до Бучим.

    „Договорот предвидува и одржување на комплетната делница во рок од пет години. Инвестицијата изнесува 28 милиони евра, а средствата се веќе обезбедени преку заем од Европската банка за обнова и развој. Очекуваме изградбата да почне за еден месец и да трае три години, односно тој да биде завршен до крајот на 2020 или почетокот на 2021 година“, рече Сугарески.

    Тој кажа дека овој пат ќе биде продолжување на автопатот Миладиновци-Штип, чија изградба треба да заврши следната година.

    „Во тек е и изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани. Тука се појави проблем во однос на експропријација на земјиштето и три археолошки наоѓалишта, но се надеваме дека ќе биде решен во најскоро време“, рече Сугарески.

    Зоран Китанов, директор на ЈП за државни патишта, рече дека според проектната документација, патот ќе има две ленти со широчина од 3,5 метри и две ленти за застанување со широчина од две метри.

    „Предвидено е и поставување на заштитна ограда и вертикална и хоризонтална сигнализација на ниво на експресен пат. Максималната дозволена брзина ќе биде 110 километри на час. На патот ќе има 11 мостови, 22 пропусти, 3 натпатници и 2 потпатници“, рече Китанов.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира