Во својство на сведок, денеска во Основниот суд Скопје 1 премиерот Зоран Заев ја потврди автентичноста на неговите прислушувани разговори и СМС-пораки, контра бившиот разузнавач Зоран Верушевски, кој во сведочењето за масовното прислушување рече дека бомбите во голема мера биле модифицирани и компромитирани.
„Дали можете да ја потврдите автентичноста на вашите прислушувани разговори?“, го праша обвинителот Трајче Пеливанов.
„Да, ја потврдувам автентичноста на моите разговори и СМС-пораки. Потсетувам, обелоденувањето на масовното незаконско прислушување го почнав со објавување разговор помеѓу мене и мојата ќерка, која тогаш имаше 10 години“, одговори Заев.
Тој кажа дека му биле прислушувани два телефона, 070 214 143 и 075 214 143, а од тоа што го имал на увид за сите прислушувани материјали и за кои дознал кога станал лидер на СДСМ во 2013, рече дека со сигурност може да потврди дека комуникациите се следеле од 2008 до почетокот на 2014 година. За претходно рече дека не може да потврди.
Заев одговори и дека тој лично селектирал што ќе оди во јавност и оти имал во посед еден милион разговори и СМС-пораки.
С. К. ДЕЛЕВСКА