Од Владата велат дека е во интерес на учениците физички да присуствуваат на настава по повиците од дел од градоначалниците наставата зимава да се спроведува онлајн или да се зголеми зимскиот распуст. Градоначалниците од Полошкиот регион бараат зимскиот распуст да трае подолго или наставата да се одвива онлајн за да нема високи трошоци за затоплување на училниците и просториите.
Од Владата денеска одговорија дека трошоците за загревање на училиштата се во надлежност на локалната самоуправа и за тоа добиваат пари од Министерството за образование.
„Нема промена во начинот на реализација на наставата со физичко присуство во основните и средните училишта. Трошоците за загревање на училиштата се во надлежност на општините, односно локалната самоуправа, и за тоа од Министерството за образование се исплаќаат дотации до општините. Важно е да се каже дека тие се одговорни и во интерес на учениците е физичко присуство на наставата“, кажа владиниот портпарол Душко Арсовски на денешната прес-конференција.