ПУШАЧИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПРОСЕЧНО ПУШАТ ПО КУТИЈА ЦИГАРИ НА ДЕН, ЗАГРИЖУВАЧКА Е СОСТОЈБАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО

    ПУШАЧИТЕ ВО МАКЕДОНИЈА ПРОСЕЧНО ПУШАТ ПО КУТИЈА ЦИГАРИ НА ДЕН, ЗАГРИЖУВАЧКА Е СОСТОЈБАТА, ВЕЛИ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВОНеопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи. (Фото: К. Попов)

    Половина од населението секојдневно консумира цигари и производи од тутун, рече денеска министерот за здравство Фатмир Меџити, додавајќи дека пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво.

    Kанцеларијата на Светската здравствена организација (СЗО) во Македонија, во соработка со Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП) одржа национална презентација на резултатите од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажувањето од тутунот во Северна Македонија, како и презентација на Случајот со инвестициите во тутунот во Северна Македонија.

    Употребата на тутун, вели СЗО,  е главен фактор за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести. Сите редовни и повремени корисници на тутун се изложени на ризик од различни негативни здравствени исходи во текот на животот. Европскиот регион на СЗО е еден од регионите на СЗО со најголема преваленца на употреба на тутун, имено, 26,3% од луѓето на возраст од 15 години и постари користеле тутун во 2018 година.

    „Најновите истражувања, презентирани денес, повторно го потврдија фактот дека Република Северна Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО. Скоро половина од возрасната популација пуши редовно цигари, а 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – речиси по едно пакетче. И покрај одамнешната ратификација на Рамковната конвенција за контрола на тутунот (ФЦТЦ) во 2006 година, напредокот во спроведувањето на мерките за контрола на тутунот во Северна Македонија сè уште не е на задоволително ниво“, вели СЗО.

    Според Меџити, земајќи ја предвид фактичката состојба дека употребата на тутун е меѓу главните фактори за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести, неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи.

    „Резултатите од направените студии покажуваат дека е загрижувачка употребата на тутун . Во таа насока, со нашите партнери, разгледуваме креирање на нови, специфични активности во насока на поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението“, изјави Меџити на настанот, организиран во пресрет на „31 мај – Светски ден без тутун“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира