Германската влада го поздрави договорот помеѓу Атина и Скопје за решавање на спорот за името и ги повика политичките сили во двете земји да го поддржат, но извор на загриженост се насилните протести во Скопје.
„Задоволни сме од вчерашното потпишување на договорот. Го поздравуваме и тоа дава доза на оптимизам. Истовремено, има причина за загриженост поради информациите за насилство на протестите во Скопје против договорот и германската влада ги повикува на смиреност и внимателност сите вклучени“, изјави портпаролот на германската влада Штефан Зајберт за грчката агенција АНА-МПА.
За германската Влада, спогодбата е важен чекор напред за двете земји и затоа не треба да се инсистира на национализам.
„Спогодбата може да ги тргне пречките за прекугранична соработка, раст на трговијата и инфраструктурата, и да придонесе за регионалната стабилност. Убедени сме дека, ако некои кусогледо инсистираат на националистички позиции, тие им штетат на спогодбата и на многу луѓе во регионот што сакаат стабилност и економски просперитет. Премиерите на двете држави го направија можен овој важен компромис, што може да стави крај на проблемот кој траеше со децении. Германската влада ги повикува сите партии и политички сили во двете земји да го поддржат овој договор“, вели Зајберт.