Собраниската комисија за политички систем денеска го разгледува предлогот на Владата за измени на Кривичниот законик со кои што ќе се забрани нелегално препродавање на карти за спортски натпревари, нешто што досега не било санкционирано со закон. Од Владата велат дека законските измени се неопходни да се донесат поради одржувањето на Суперкупот на УЕФА на 8 август во Скопје.
Според предложените законски измени, „ќе се казни тој што неовластено нуди, рекламира, продава, овозможува на друг продажба или посредува во продажба на билети за јавни спортски натпревари, јавни културни или друг вид јавни манифестации“, а казната е парична или до една година затвор.
Картите за Суперкупот на УЕФА се продаваа само преку онлајн апликација и поради големиот интерес имаше лотарија. Добитниците на карти за мечот Реал Мадрид-Манчестер Јунајтед беа известени на почетокот на неделава.