ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА НЕМА ДА ПОМОГНЕ МНОГУ, ТРЕБА ДА СЕ ПРОШИРАТ ЗАТВОРИТЕ, ВЕЛИ СПАСОВСКИ

    ЗАКОНОТ ЗА АМНЕСТИЈА НЕМА ДА ПОМОГНЕ МНОГУ, ТРЕБА ДА СЕ ПРОШИРАТ ЗАТВОРИТЕ, ВЕЛИ СПАСОВСКИМинистерот Спасовски вели дека амнестираните затвореници многу често брзо се враќаат во затвор. (Фото: Фејсбук)

    Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека предложениот закон за амнестија нема многу да помогне со пренатрупаноста во затворите и дека единствено решение е државата да ги зголеми капацитетите на затворските институции.

    „Апсолутно не е соодветно ниту времето, ниту моментот за носење на закон за амнeстија. Второ, опфатот кој што е барем соопштен дека ќе опфати прилично мал број на лица исто така нема да помогне многу. Меѓутоа, еве сега тоа е работа на Собранието. Нема да придонесе значително да ослободат места и така натаму или да се намали притисокот на казнено-управните установи. Јас мислам дека треба државата стратешки да размислува за зголемувањето на капацитетите на затворските институции“, кажа Спасовски, кој денеска беше во тренинг центарот во Идризово.

    Дополнително, вели тој, амнестираните затвореници многу често брзо се враќаат во затвор, како што било случај и со претходниот закон за амнестија, донесен пред 5 години.

    „Ако ги погледнеме минатите закони за амнестија ќе видите дека најголемиот дел од тие лица за два до три месеци повторно се враќаат назад заради тоа што имаат повторно кривични дела со кои ние секојдневно се справуваме, така да тоа е моето видување за овој закон“, вели Спасовски.

    Министерството за правда предлага нов закон за амнестија и тој наскоро треба да се најде пред пратениците. Министерот за правда Кренар Лога тврди дека законот се носи поради пренатрупаност и лоши услови во затворите.

    Според предложениот закон, казните ќе бидат намалени за 30 отсто на оние осуденици кои исполнуваат услови, па оттаму, ќе има голем број кои веднаш ќе си одат дома по стапување на законот за амнестија во сила. Некои што се осудени до 6 месеци за поситни кривични дела, нема ни да влезат во затвор.

    Убијци, силувачи, педофили, терористи и сторители на изборен криминал и на други тешки кривични дела нема да бидат амнестирани, а според предлогот на Министерството за правда.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира