ЗАПИСНИКОТ СО ИСКАЗОТ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ ЗА „РЕКЕТ“ Е СЛИКАН СО МОБИЛКА ОД СЛУЖБИ КАЈ РУСКОСКА, СЕ СОМНЕВААТ СУДИИ ОД КРИВИЧНИОТ СУД

    ЗАПИСНИКОТ СО ИСКАЗОТ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ ЗА „РЕКЕТ“ Е СЛИКАН СО МОБИЛКА ОД СЛУЖБИ КАЈ РУСКОСКА, СЕ СОМНЕВААТ СУДИИ ОД КРИВИЧНИОТ СУДВо Кривичниот суд велат дека при барањето притвор во претходна постапка за тројцата засега осомничени Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец и Катица Јанева, таков исказ од предистрагата воопшто не дошол во Судот и дека со него располага само обвинителот што го води случајот; - Обвинителката во „Рекет“ Вилма Рускоска (Фото: СДК.МК).

    Исказот на бизнисменот Орце Камчев запишан на хартија, што го дал во предистражна постапка во Обвинителството за организиран криминал која е заштитена со закон како тајна постапка, најверојатно го сликал со мобилен телефон некој од тимот на обвинителката за организиран криминал Вилма Рускоска, која го води случајот „Рекет“, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК судии од Основниот суд Скопје 1.

    Според истите извори, при барањето притвор во претходна постапка за тројцата засега осомничени Бојан Јовановски-Боки 13, Зоран Милески-Кичеец и Катица Јанева, таков исказ од предистрагата воопшто не дошол во Судот.

    „Со исказите дадени во предистрагите располага само надлежниот обвинител, бидејќи постапката е тајна. Најверојатно, првата страница од исказот на пријавителот за рекет ја сликнал некој од тимот на Рускоска и ја дал на објавување, со што извршил кривично дело од главата Оддавање службена тајна од Кривичниот законик“, велат во Кривичниот суд.

    Според овие извори, иако изјавата во предистражна постапка дадена од Камчев не е со назнака „класифицирана информација“, сепак таа по сила на законот е класифицирана, зашто е дадена во постапка за која Законот за кривична постапка рекол дека е тајна.

    Според истите соговорници, мала е веројатноста оддавањето службена тајна да го извршиле адвокатите на Камчев, меѓу кои е и неговата сопруга Ана Камчева, бидејќи во фаза на предистрага, ниту пријавител, осомничен, сведок… што и да е, ниту пак адвокатите, не добиваат примерок од исказите со кои располага само обвинителот што го води случајот.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска го осуди објавувањето на нелегално добиени документи од истрагата за предметот „Рекет“, откако скениран документ насловен „Записник за примање кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција со датум 2 мај 2019“ беше објавен на порталот Инфомакс, според кој ова е првичната пријава на бизнисменот Орце Камчев за рекетирањето од Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милевски- Кичеец. Обвинителството потенцира дека откривањето доверливи информации е кривично дело, вели дека објавувањето „освен како моментална сензација, не придонесуваат во остварување на каква и да е друга цел“ и најави дека ќе утврдува како „како овие документи се протечени во јавноста и ќе бара одговорност од сторителите“.

    Во истрагата „Рекет“, осомничени за изнуда на 1,5 милиони евра со тргување со влијание врз јавен обвинител и перење пари се Бојан Јовановски-Боки 13 и Зоран Милески-Кичеец, кои се во притвор од 15 јули, а третоосомничена е Специјалната обвинителка Катица Јанева, која е во притвор од 21 август. Во разговорите меѓу осомничениот Боки 13 и сведокот Орце Камчев за плаќање тој биде ослободен од притвор и да му се врати пасошот како осомничен во истрагата „Империја“ на СЈО, објавени од италијанскиот весник „Ла верита“, се слуша и гласот на Јанева. По објавувањето на снимките, таа кажа дека преговарала со Камчев преку посредник за да биде сведок во нова предистрага на СЈО.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира