Членот на Антикорупциската комисија Нури Бајрами, кој е баџанак на претседателот на Собранието Талат Џафери, кажа дека не крие ништо и побара од јавноста да го следи како работи и да го држи збор, откако Антикорупциската комисија денеска на првата седница утврди дека нема конфликт на интерес во неговиот случај затоа што баџанак не е блиско сродство.
„Ова шоу мора да заврши. Следете ме како работам, држете ме за збор. За мене нема роднини, врски. Ако тоа се открие, немам проблем оставка да дадам. Јас конкурирав на овој оглас затоа што беше јавен, можеби имаше пропусти, но што требаше да кажам, зар требаше рака да кренам и да кажам ’јас сум баџанак‘. Ништо не е скриено, не сум во ниедна политичка партија, со години се држам настрана од политиката. Жена ми работи во приватен сектор, син ми се отсели од државата“, кажа Бајрами.
Тој беше избран за заменик-претседател на Антикорупциската комисија по пат ждрепка.
А. АНТЕВСКА