Заради заштита на авторските права, 41 интернет портал и 5 телевизии од денеска ги повлекоа содржините од агрегаторите на вести како Тајм.мк, Грид.мк и Вести.мк, соопшти Здружението Онлајнмедиа.мк. Повлекувањето следи по добиените известувања и предлог-договори од агрегаторите на вести, за преземање содржини без надомест.
„Според последните измени на Законот за авторски и сродни права („Службен весник на РСМ“ број 87/2005), ве известуваме дека не ги прифаќаме вашите предлог договори испратени неодамна до нашите редакции, за правото да ги преземате нашите информации, фотографии, видеа. Доколку тоа бесправно преземање продолжи од ваша страна, ќе бидеме принудени да покренуваме постапки за заштита на авторските права. Сите потписници бараат да бидат отстранети од понатамошно агрегирање на информациите, почнувајќи од 21 мај 2025 година, сè до постигнување на евентуален договор. Како асоцијација на портали, Онлајнмедиа.мк ви стои на располагање за разговор“, го соопшти Здружението ставот усогласен на состанокот на 20 мај.
Според соопштението, став го потпишале 28 информативни портали: А1ОН, Вистина, Денар, Денешен, Експрес, Еспресо, 24Инфо, Курир, Либертас, Лидер, Локално, МКД, MMС, Независен, НЕТ ПРЕС, Нова Македонија, 4NEWS, Плусинфо, Република, Рацин, Слободен печат, 360 Степени, Телеграфи, Точка, Трн, Фактор, Фокус и Црнобело, потоа 13 спортски портали: Екипа, Гол, Дерби, Макфудбал, 24Фудбал, Кош, 24Ракомет, Спорт 1, СпортМ, Спортманија, Спортспорт, Спортски и Суперспорт и порталите на 5 македонски телевизии: Алфа, Алсат-М, Канал 5, Сител и Телма.