ЗАРАЗЕНАТА БОЛНИЧАРКА СО КОНГО-КРИМСКА ТРЕСКА ОД ДЕНЕСКА ГО ПРИМА ЛЕКОТ „РИБАВИРИН“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКА

    ЗАРАЗЕНАТА БОЛНИЧАРКА СО КОНГО-КРИМСКА ТРЕСКА ОД ДЕНЕСКА ГО ПРИМА ЛЕКОТ „РИБАВИРИН“, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА ИНФЕКТИВНА КЛИНИКАД-р Добринка Наунова-Јовановска (лево) и д-р Милена Стевановиќ (десно) на денешната прес-конференција пред Инфективна клиника. (Фото: Принтскрин од видео)

    Болничарката од Клиниката за инфективни болести која е заразена со конго-кримска хеморагична треска (ККХТ) е стабилна, влегува во фазата коај се очекува со крварења и од денеска почнува да го прима лекот „рибавирин“, изјави денеска директорката на Инфективна, д-р Милена Стевановиќ.

    Болничарката се зарази од 27-годишната жена од Штипско која почина на 30 јули по убод од крлеж.

    Лекот пристигна вчера и се користи во тешки клинички форми на болеста. Д-р Стевановиќ кажа дека станува збор за антивирусен лек чија цел е да ја намали моќта на вирусот.

    „Во однос на дилемите во јавноста дали требало порано да се даде лекот, не не требало. Ние се држиме до искуствата од светот и делуваме исправно со секој чекор. За жал, нема напишано во светската литература ниту е зборено, колкав е бенефитот, колкав е процентот од преживувањето на пациентот со давањето на овој лек. Целта е да се поминат кризните моменти на болеста“, кажа д-р Стевановиќ.

    Таа кажа дека ниту една земја нема ваков лек на залиха, а земјите и организациите си помагаат кога ќе се јават вакви случаи. Во моментот кога кај нас беше потврдена првата инфекција, ниту една земја од регионот, каде претходно се јавувала оваа болест, го немала лекот. Д-р Стевановиќ додаде дека земјава и да го имала лекот за пациентката од Штипско, немало да ѝ помогне, бидејќи болеста била напредната во повеќе фази.

    Д-р Добринка Наунова-Јовановска завчера кажа дека болничарката била трета смена кога ја негувала пациентката од Штипско, која имаше многу крварења. На Клиниката, вели таа, сите носат заштита, но веројатно при вадење на ракавиците, маската, прснало во очите, во слузницата. Сѐ е можно, додаде докторката, кога има толкава количина заразен материјал.

    Откако на 30 јули почина жената од Штипско, Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) издаде решенија за изолација за 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до денеска.

    Од контактот со болничарката, издадени се решенија за изолација за уште 11 контакти, 10 членови на нејзиното семејство и колешка од Инфективната клиника. Тие ќе бидат 14 дена под надзор.

    Портпаролот на Комисијата за заразни болести, д-р Злате Мехмедовиќ за МИА завчера изјави дека нема потреба од паника во врска со новонастанатата состојба со конго-кримската хеморагична треска. Потенцира дека во блиска иднина не се очекуваат нови случаи на конго-кримска хеморагична треска.

    „Комисијата за заразни болести апсолутно стои зад сето она што го прави Институтот за јавно здравје, мерките што се преземаат и препораките што се даваат. Не очекуваме дека ќе има повеќе случаи, но ова не е првпат да се појави ваков вид на болест во земјава, станува збор конкретно за конго-кримска хеморагична треска. Дека се случило во минатото – се случило, дека се појавува во регионот – се случува, дека ќе има такви инциденти – ќе се случи. Но, тоа не значи дека мора да избегнеме нова епидемија, која сериозно ќе го загрози животот и здравјето“, кажа Мехмедовиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира