ЗАТВОРСКИ ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ЗА ПОРАНЕШНИТЕ ДИРЕКТОРИ НА ОНКОЛОГИЈА, ВАСЕВ И НУХИ, ОДЛУЧИ АПЕЛАЦИЈА

    ЗАТВОРСКИ ПРИТВОР ОД 30 ДЕНА ЗА ПОРАНЕШНИТЕ ДИРЕКТОРИ НА ОНКОЛОГИЈА, ВАСЕВ И НУХИ, ОДЛУЧИ АПЕЛАЦИЈАНино Васев денеска пред скопска Апелација. (Фото: К. Попов)

    Поранешниот медицински директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија д-р Нино Васев, и организацискиот директор Нехат Нухи ќе одат во ефективен притвор од 30 дена, соопшти Апелациониот суд Скопје. Судиите ги прифатиле  жалбите на Обвинителството, кое се жалеше на куќниот притвор за двајцата обвинети со образложение дека постои опасност од бегство.

    „Апелациониот суд  ја уважи жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје, против Решението на Кривичниот совет на Основниот кривичен суд Скопје и истото го преиначи на начин што ја укина мерката куќен притвор определена према обвинетиот Н.В. од С.,  поради постоење основано сомневање дека сторил кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, а поради постоење на причините за мерката притвор определени со одредбата од чл.165 ст.1 т.1 од Законот за кривичната постапка определи мерка притвор во траење од 30 дена“ , стои во соопштението.

    Тие се обвинети за злоупотреби со скапа терапија и Тешки дела против здравјето на луѓето.

    „Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на Основното јавно обвинителство Скопје, за определување мерки за обезбедување присуство против две лица, доставен до судот заедно со обвинителен акт за предметот во јавноста познат како ‘Онкологија’, по одржана седница во присуство на странките донесе решенија со кои: против обвинетите Н.В. и Н.Н се определува мерка куќен притвор, а воедно останува во сила претходно определената мерка за претпазливост – одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, поради постоење на околностите од чл. 165 ст. 1 т. 1 од Законот за кривична постапка (ЗКП) односно Опасност од бегство. Против овие решенија странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје“, соопшти Судот на 23 мај.

    Првото обвинение, кое се однесува на економското работење на Клиниката опфаќа две лица. Васев и Нухи се обвинети за продолжени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата и Проневера во службата. Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година.

    Обвинетите, во постапките за јавни набавки на лекови – биолошка активна терапија, молекуларна таргет терапија и моноклонални антитела набавувале лекови на реверс без да постои валиден правен основ за тоа, по што за покривање на реверсите спроведувале постапки за јавни набавки, кои биле беспредметни бидејќи добавувачите на лекови во рамки на добиените јавни набавки ги фактурирале претходно дадените лекови на реверс, па без комплетна, веродостојна и вистинита документација обвинетите овозможувале верификација на реверсите преку јавните набавки. Со ваквите противзаконити дејствија обвинетите креирале незаконски обврски на Фондот, кој бил доведен во заблуда дека условниот буџет кој го одобрува се однесува на законски креирани обврски, а не за намирување на противправно креирани обврски за лекови набавени на реверс, поради што Фондот на годишно ниво одобрувал условен буџет на Клиниката, од кој потоа биле исплаќани лековите набавени на овој начин.

    Исто така, двајцата се обвинети и за измама во службата, како и за проневера во службата, бидејќи преку постапките за набавка на лекови набавил количина на лекови која имал намера да ја присвои, па откако со свој потпис ќе го препишел и одобрел лекот, дел од лековите фиктивно ги раздолжувал, односно не ги аплицирал на пациентите во чие име овие лекови биле требувани, па така постои разлика меѓу евидентирана требувана количина за пациент и раздолжена количина за пациенти во износ од околу 2 милиони денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира