ЗАВРШИ ИСТРАГАТА ЗА ПЕРЕЊЕ 5 МИЛИОНИ ЕВРА ПРЕКУ ПОШТЕНСКА БАНКА, ЗА 10 ДЕНА ОБВИНЕНИЕ

    ЗАВРШИ ИСТРАГАТА ЗА ПЕРЕЊЕ 5 МИЛИОНИ ЕВРА ПРЕКУ ПОШТЕНСКА БАНКА, ЗА 10 ДЕНА ОБВИНЕНИЕПоради проток на време во однос на лицата Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев и Никола Груевски, настапила застареност на кривичното гонење за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување. - Обвинителот Бурим Рустеми (Фото:СДК.МК)

    Обвинителот од поранешното СЈО Бурим Рустеми ја заврши големата финансиска истрага „Поштенска банка“ која беше отворена пред точно две години, а која финишира во Обвинителството за организиран криминал и корупција. Се работи за перење на 5 милиони евра што го вршеле бизнисмени.

    Истрагата опфати повеќе поврзани настани за кривични дела – Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 и е против 12 лица, меѓу кои се: Ратко Димитровски, сопственик на печатницата „Европа 92“, Коле Смилевски, Томе Главчев, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев. Од извршените кривични дела сторени во временскиот период од 2001 до 2010 тие се стекнале со имотна корист во износ од околу 5 милиони евра.

    Во почетокот на 2001 Љубчо Георгиевски, како премиер, Марјан Ѓорчев како вицепремиер и Никола Груевски како министер за финансии, со цел да го контролираат фактичкото функционирање на „Поштенска банка“, организирале во основањето на банката покрај „Македонска пошта“, која била во државна сопственост, да учествуваат и правните лица кои тие ги избрале – „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и печатница „Европа 92“ Кочани. На сопствениците на овие правни лица, на Томе Главчев и Ратко Димитровски, им било кажано дека во основањето на банката нема да учествуваат со сопствени средства, туку со пари кои ќе ги обезбедат од кредити. Планот бил основањето на „Поштенска банка“ да не биде со средства на осомничените, туку со средства од други извори, што е спротивно на Законот за банки.

    Согласно добиените насоки од овие владини функционери, осомничените Главчев, сопственик на „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и Димитровски, сопственик на „Европа 92“ Кочани, со кредити подигнати од три банки, ги уплатиле основачките влогови во „Поштенска банка“, по што осомничениот Коле Смилевски, како генерален директор на „Поштенска банка“ АД Скопје, овозможил кредитирање на „Ноел Експорт импорт“ Гевгелија и „Европа 92“ Кочани и правни лица поврзани со нив. Сите средства добиени од кредити од „Поштенска банка“ се слеале на сметките на овие две правни лица и се искористени за враќање на првобитните кредити.

    Според истрагата, станува збор за индиректно кредитирање на основачките влогови со средства од банката која се основа, што е спротивно на Законот за банки и претставува кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување. Воедно, осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски, искористувајќи ја нивната позиција во „Поштенска банка“, издејствувале осомничениот Коле Смилевски да овозможи одобрување на повеќе кредити на правните лица ‘Ноел’ и печатница ‘Европа 92’, како и на друштвата кои што биле директно поврзани со нив. Овие вториве, добиените кредитни средства веднаш ги префрлале на сметките на ‘Ноел’ и ‘Европа 92’, кои ги користеле за сопствени потреби. За сите овие одобрени кредити заедничко е дека било договорено воопшто да не се враќаат на Банката, со што била прибавена корист за ‘Ноел’ и ‘Европа 92’, а Томе Главчев, Ратко Димитровски и Коле Смилевски сториле Злоупотреба на службената положба и овластување.

    Поради проток на време во однос на лицата Љубчо Георгиевски, Марјан Ѓорчев, Никола Груевски, Главчев и Димитровски, настапила застареност на кривичното гонење за кривичното дело Злоупотреба на службена положба и овластување.

    Натаму, истрагата утврдила дека за да покријат дека паричните средства кои потекнуваат од незаконски добиените кредити, и дека акциите во „Поштенска банка“ ги стекнале на незаконски начин, осомничените Томе Главчев и Ратко Димитровски од 2005 година до 2010 презеле дејствија на перење пари и други приноси од казниво дело.

    Преку нивните друштва ‘Ноел’ и ‘Европа 92’ , Главчев и Димитровски подигнале кредити од ‘Еуростандард банка’, кои биле наменети за сервисирање на обврските од претходните кредити подигнати од ‘Поштенска банка’. Како гаранција за подигнатите кредити во ‘Еуростандард банка’, тие ги заложиле сопствените акции од ‘Поштенска банка’. Со оглед на фактот што кредитот кон ‘Еуростандард банка’ откако поминал рокот за плаќање не бил вратен, ‘Еуростандард банка’ го активирала обезбедувањето на кредитот и станала акционер во ‘Поштенска банка’. На овој начин, осомничените со пренос на незаконски стекнатиот имот – акциите во ‘Поштенска банка’ и средствата добиени од кредитите од ‘Поштенска банка’, го прикриле нивното противправно потекло, со што сториле кривично дело Перење на пари и други приноси од казниво дело.

    Натаму, осомничените Смилевски, Главчев и Димитровски со цел, незаконски да извлечат парични средства од „Поштенска банка“ направиле обид за докапитализација на Банката со издавање на втора емисија на акции за однапред познати купувачи. Ваквата докапитализација Народна Банка на РМ не ја одобрила, затоа што управителите на друштвата „ГД Тиквеш“ АД Кавадарци, „ГП Бетон“ АД Тетово, АД „МИК“ Кавадарци, „Венгал“ АД Скопје, „Езимит Груп“ ДОО Штип и АД „Жито Скопје“ – Скопје како потенцијални купувачи постапиле спротивно на чл.38 од Законот за банки, со тоа што се обиделе акциите од втората емисија во „Поштенска банка“ АД Скопје ДА ги купат од средствата на истата банка.

    Притоа, осомничениот Смилевски, со управителите на овие правни лица кои се обиделе да учествуваат во втората емисија на акции, склучил договори и на сите им признал побарување во износ од по 13 милиони денари за наводно обештетување, иако тие не претрпеле никаква штета и реално немале право на вакво нешто. Притоа, било договорено износот кој го примаат правните лица на име обесштетување да биде искористен за затворање на преостанатите обврски кои по основ подигнати кредити од „Поштенска банка“ ги имале правните лица „Ноел Експорт импорт Гевгелија“ и „Европа 92 Кочани“.

    На овој начин тие се стекнале со противправна имотна корист од 81.703.525 денари. Според истрагата, управителите на правните лица кои ги склучиле договорите за обесштетување знаеле за фиктивноста на договорите, но дејствувале како членови на група што се занимава со перење на пари заедно со осомничените Смилевски, Главчев и Димитровски, поради што постои основано сомнение дека и лицата Викица Поповски, Зоранчо Митровски, Георги Каратолис, Ристо Милев, Златко Ѓорчев и Кирил Јаневски сториле кривично дело Перење на пари и други приноси од казниво дело.

    За десетина дена се очекува обвинението да биде поднесено до Основниот кривичен суд, оддел за организиран криминал и корупција.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира