Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија работи со намален капацитет, бидејќи во тек е комплетна реконструкција на одделите за хоспитализација на пациенти. Деновиве заврши првата фаза од реновирањето на Клиниката, а од утре почнува втората фаза, која треба да заврши во март. Со овие активности предвидено е целосно реновирање на болничките соби, тоалетите и бањите за пациентите, потоа подовите, водоводната и електричната инсталација и осветлувањето.
Директорката на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија д-р Софија Пејкова вели дека располагаат со 33 кревети, но поради реконструкцијата 10 од нив не се во употреба и сега имаат капацитет за 23 пациенти.
„Работиме дел по дел, за да не ја затвориме клиниката, но ги примаме сите пациенти. Оние полесните случаи, како што се масни ткива или липоми, или ги препраќаме во други болници или им презакажуваме за подоцна, бидејќи не се итни случаи. Но, сите пациенти со карциноми и повреди ги згрижуваме“, вели Пејкова.
Таа додава дека во рамки на амбулантскиот дел има и мала хируршка сала каде ги третираат оние пациенти за кои нема потреба од хоспитализација.
„Тука станува збор за помали интервенции, за кои и вообичаено не ги задржуваме пациентите, туку по интервенцијата лекувањето продолжува дома. Итните случаи ги примаме, баш пред некој ден имавме пациентка со изгореници и нив ги третираме“, вели д-р Пејкова.
Е. БОЧВАРОСКА