Здружението на приватни лекари (ЗПЛРМ) се оградува од денешниот протест на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари АСМЛ, која на социјалните мрежи објави фотографии дека матичните лекари денеска протестираа со едночасовен молк секој пред својата ординација.
„Здружението не е организатор на тој протест. Не знам зошто се протестира за нешто што ние го стопиравме на 1 јули“, ни изјави претседателката на Здружението д-р Лилија Чолакова-Дервишова, додавајќи дека нема да дава никакви изјави на ден пред избори.
Асоцијацијата бара од здравствените власти ангажирање на млад кадар во справувањето со епидемијата, но и помош во заштитна опрема, право да упатуваат пациенти на тестирање за ковид-19 по нивна процена како лекари, а не по алгоритам, како и да имаат член-претставник од матичните лекари во Комисија за заразни болести.
Министерството за здравство преку соопштение реагираше дека е изненадено од денешниот протест на матичните лекари и причините кои се наведуваат за него.
„Во однос на барањето на матичните лекари да имаат претставник во Комисија за заразни болести појаснуваме дека согласно член 59 од Законот за заштита на население од заразни болести ‘Министерот формира комисија за заразни болести како советодавно тело. Членовите на Комисијата од став 1 на овој член се избираат за време од четири години од редот на истакнати стручњаци од епидемиологијата, инфектологијата, микробиологијата, педијатријата, ветерината и други специјалности’, а сите членови во Комисијата за заразни болести во актуелниот состав се претставници од јавно здравстени установи“, вели Министерството за здравство.
Во однос на точките кои ги наведуваат како спорни, Министерството за здравство појаснува дека матичните лекари од првиот ден на епидемијата добија медицинска заштитна опрема и покрај тоа што Министерството нема никаква обврска да ги снабдува со тоа. Министерството, велат оттаму, им донираше на матичните лекари хируршки маски и платнени заштитни маски. Матичните лекари се приватни здравствени установи (ПЗУ-а), а набавките се обврска на самата установа.
„Подготвениот алгорирам за индикација за тест за ковид-19 е изработен со цел да ја олесни работата на матичните лекари и да обезбеди унифициран пристап. Истиот апсолутно не ја комромитира експертизата на матичните лекари, кои од самиот почеток се целосно вклучени во системот на дијагностика, следење и третман на пациентите со ковид-19“ , се вели меѓу другото во реакцијата на Министерството за здравство.
П. ПЕЧКОВ