Земјотрес со интензитет од 4,6 степени е регистриран вечерва во 22:05 часот по локално време во пограничниот регион меѓу Македонија и Косово.
Според првичните податоци од Европскиот медитерански сеизмолошки центар, епицентарот на потресот бил на длабочина од пет километри. Локацијата е утврдена на 12 километри северно од Тетово и 23 километри југоисточно од Призрен.
Потресот беше силно почувствуван од граѓаните во северозападниот дел на државата, особено во тетовскиот регион, како и во соседните земји. Засега нема информации за евентуални штети или повредени лица.
Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, соопшти дека Телеметриската сеизмолошка мрежа го регистрирала земјотресот чиј епицентар потекнува од територијата на Косово, на околу 45 км северозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML4.6
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и околината со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала, во Скопје и околината со интензитет од IV-V степени, во останатите делови од Републиката со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
