Бројот на интервенции во службата за Итна медицинска помош поради топлиот бран што ја зафати земјата не е зголемен, но зголемен е бројот на итни интервенции. Д-р Милица Бубало, дежурен лекар од Итна Медицинска помош вели дека најчесто има јавувања за колапси и хипертензии.
„Им препорачуваме на граѓаните да ги почитуваат препораките од Министерството за здравство што ги даде како предупредување во текот на вчерашниот ден“, вели д-р Бубало од службата за Итна медицинска помош.
Министерството за здравство вчера попладне излезе со препораки, поради предупредувањата од Управата за хидрометеоролошки работи на Македонија дека во текот на овие два дена земјата ќе биде зафатена од високи температури од жолта алертна фаза. Според овие препораки, треба да се избегнува изложеност и престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, да се носи светла облека, а при директна изложеност на сонце да се носат заштитни очила и капа.
„Да се јаде лесна храна и течности, и да се внимава при подготовка и консумирање на храната, како и избегнување термички необработени производи, на пример мајонези од домашни јајца и внимателно да се консумира сладолед и разни кремови. Потребно е внесување поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци“, препорача Министерството за здравство.
Според препораките, при влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри.
„Во текот на ваквите екстремно топли денови, останете во затворени простории, пред сè климатизирани, а при неопходен престој на отворен простор во овој период, да се најде можност за почести одмори под сенка. На хронично болните лица им се препорачува редовно земање на препишаната терапија“, препорача Министерство за здравство.
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) излезе со пет клучни препораки за да се спречат труења со храна: да се одржува хигиената, да се оддели свежата од зготвената храна, храната соодветно технички да се обработи, да се чува на безбедни температури и да се користи безбедна вода и продукти.
„Се препорачува зготвената храна да се чува во замрзнувач, а при повторна конзумација, повторно термички да се обработи на минимална температура од 70 степени“, препорачуваат од ИЈЗ.
Е. БОЧВАРОСКА