ЗГОЛЕМЕНА КОНТРОЛА НА ЛЕКУВАЊАТА ВО СТРАНСТВО И НА БОЛЕДУВАЊАТА НАД 30 ДЕНА, НАЈАВИ ПЕРИНСКИ

    ЗГОЛЕМЕНА КОНТРОЛА НА ЛЕКУВАЊАТА ВО СТРАНСТВО И НА БОЛЕДУВАЊАТА НАД 30 ДЕНА, НАЈАВИ ПЕРИНСКИПерински рече дека Фондот исплатил  над 8 милиони евра за лекувања во странство. (Фото: ФЗО)

    Лекувањата во странство, зголемена контрола на боледувањата во земјава, како и големиот одлив на пари за ортопедски помагала се трите точки кои се во фокусот за работа на новиот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Златко Перински.

    Перински, кој е на оваа функција од 13 јули, на денешниот брифинг со новинарите зборуваше за последниот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за работата на Фондот за 2024 и најави зголемени контроли за трите точки кои се најпроблематични во извештајот и кои се провлекуваат низ годините.  Директори на Фондот за здравство во периодот опфатен од ДЗР беа Магдалена Филиповска-Грашкоска од април 2022 до јули 2024, а од јули 2024 до 13 јули 2026 директор беше Сашо Клековски кој од таму дојде на функцијата министер за здравство.

    Меѓу податоците кои ги кажа Перински се дека Фондот исплатил 500 милиони денари (над 8 милиони евра) за лекувања во странство.

    На 23 јули, на работилницата „Зајакнување на управувањето со боледувањата“ во Владата, која ја организираа Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) со подршка на Светската здравствена организација (СЗО), министерот за здравство Сашо Клековски рече дека податоците од „Мој термин“ покажуваат оти во 2025 има 33 отсто зголемување на боледувањата до 30 дена споредено со 2021. Тој потсети дека 2021 беше година на ковид-19, кога имаше значителен број боледувања. Денес има дополнително зголемување од 33 отсто, односно повеќе од 300.000 боледувања во текот на 2025, рече тој.

    Предлозите за промени  од работилницата се испратени до лекарските комисии на Фондот во сите подрачни служби, Лекарската комора на Македонија, Здружението на приватни лекари и Здружението на приватни гинеколози.

    „Целта е да се озвозможи системот на боледувања да биде поедноставен, побрз, потранспарентен и поотпорен на злоупотреби, истовремено обезбедувајќи соодветна заштита на работниците кои навистина имаат потреба од привремена спреченост за работа“, рече Перински.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира