ЖЕНИТЕ ДА НЕ СЕ СПОРЕДУВААТ СО МАЈКИТЕ И БАБИТЕ СО СИМПТОМИТЕ ЗА МЕНОПАУЗА, РЕКОА ГИНЕКОЛОЗИТЕ ЗА ПРВИОТ ВОДИЧ ЗА ПЕРИМЕНОПАУЗА

    ЖЕНИТЕ ДА НЕ СЕ СПОРЕДУВААТ СО МАЈКИТЕ И БАБИТЕ СО СИМПТОМИТЕ ЗА МЕНОПАУЗА, РЕКОА ГИНЕКОЛОЗИТЕ ЗА ПРВИОТ ВОДИЧ ЗА ПЕРИМЕНОПАУЗАПроф. д-р Глигор Тофоски, проф. д-р Катарина Ставриќ, специјалист д-р Борислава Спировска и Весна Матевска – програмска раководителка во ХЕРА на денешната промоција на водичот. (Фото: МАГО)

    Матичните лекари и гинеколози во земјава го добија првиот национален Водич за перименопауза, со кој ќе добиваат основни насоки за симптомите и болестите што можат да настанат кај пациентките. Содржи повеќе анекси со прашалници што треба да ги пополнуваат пациентките во ординациите и врз основа на одговорите заедно со лекарот ќе се утврдува дали се во групата на перименопауза од низок, среден или висок ризик од можни последици од состојбата.

    Водичот е базиран на медицина заснована на докази кој на јасен и практичен начин дава насоки за препознавање, третман и поддршка во периодот на перименопаузата, а денеска го претставија Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО), во соработка со ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, за време на  21.  Конгрес на Македонското лекарско друштво.

    „Перименопаузата е фаза низ која поминува секоја жена, но до денес во Македонија таа не беше препознаена на институционално ниво, ниту пак постоеја стандарди за тоа како да се третираат симптомите или да се обезбеди соодветна поддршка. Со овој Водич, за првпат се воспоставуваат јасни и унифицирани насоки за матичните гинеколози и семејните лекари, со цел жените да добијат навремена и квалитетна грижа. Во период кога бројот на жени во перименопауза и постменопауза расте – глобално достигнувајќи над 1,2 милијарди – Водичот за перименопауза претставува одговор на сериозните предизвици со кои се соочува здравствениот систем, како што се зголемениот ризик од кардиоваскуларни заболувања, остеопороза, когнитивен пад и други хронични состојби. Водичот за перименопауза дава основни насоки да нѐ потсети како здравствени работници и соработници кои се симптоми и болести може да настанот во периодот на перименопаузата. Меѓутоа и да помогне на здравствените работници со сите анекси и прашалници, кои ќе бидат од најголема корсит за пациентките кои доаѓаат на преглед кај своите матични лекари и гинеколози, оти тие во најголем дел прво доаѓаат кај матичниот лекар и кај матичниот гинеколог. Просечниот период на менопаузата е на 50-51 година, но има пациентки кај кои овие состојби се случуваат и во доцните 30-ти“, кажа проф. д-р Глигор Тофоски, претседател на МАГО.

    Матичниот гинеколог специјалист д-р Борислава Спировска апелираше до жените да се охрабрат да ги споделат сиптомите со своите матични лекари и гинеколози.

    „Да се обидеме да се ја охрабриме жената да не се споредува со своите претходнички од семејната лоза, мајки и баби, на кои во минатото не им била понудена соодветна здравствена помош во насока на овие симптоми затоа што не е во ред да се справуваат 40, 45-годишна жена со несоница, намалена когнитивна функција, болки во зглобови и мускули, намалено либидо. Треба да побараат помош затоа што постојат плејада на фармаколошки и нефармаколоши продукти што може да им бидат понудени за подобрување на нивното здравје“, рече д-р Спировска.

    Проф. д-р Катарина Ставриќ, претседателка на Катедрата по семејна медицина, рече дека семејните матични лекари имаат голема улога за здравјето на пациентите и преку овој матичниот лекар добива јасни насоки како и каде да ја упати жената за понатамошни иследувања.

    „Матичниот лекар ја знае пациентката и му дава можност за индивудален пристап, познавајќи ги сите ризик фактори кои ги има пациенката. Многу е практичен, користи јасни патеки и дава едноставни алатки кои може да го користи. Водичот е важна алка и кога ќе се врати пациентката од специјалист со соодветна терапија, матичниот лекар понатаму го следи ефектот од таа терапија“, кажа д-р Ставриќ.

    Водичот содржи систематизирани насоки за рано препознавање и соодветен третман на симптомите, едукација на здравствените работници од примарното и секундарното ниво, подобрување на информираноста и поддршката на пациентките, воспоставување мултидисциплинарен пристап во третманот и унапредување на пристапноста до услуги за сите жени.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира